
МОН го објави конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватни студентски домови во државата за студиската 2023/24 година. Слободни се вкупно 4480 места во домовите во Скопје, Битола, Охрид, Прилеп, Штип и Тетово. Од нив, 1.093 се за студенти запишани во прва година и 3.385 за запишани од втора до шеста година на студии и за апсолвенти. Во државниот дом „Браќа Миладиновци“ во Штип има места за сместување 236 студенти, а места има и во два приватни дома во Штип – 112 места.
„Од денес излезе Конкурсот за сместување односно за упис во студентските домови. Ние како студентски дом „Браќа Миладиновци“ располагаме со 236 легла, од кои 20% или некаде околу 44 легла се предвидени за бруцоши и тие ќе бидат пополнети некаде во месец септември. Останатите очекуваме дека ќе бидат поплнети во овој Конкурс“, вели Насев.
Во меѓувреме до септември се очекува да биде завршена и рекострукцијата на внатрешниот дел во студентскиот дом и студентите да бидат пречекани во нови услови.
„Ние сме влезени во реконструкција на студентските домови коишто се координарано преку проектна единица преку МОН. Се работи за три лота, ние сме ставени во вториот, а првиот уште не е започнат ние во моментот вршиме реконструкција со сопствени средства, односно околу еден милион денари имаме одвоено од сопствениот Буџет и во моментот се врши внатрешна реконструкција на собите“ – додава Насев.
Инаку, студентите кои се пријавуваат на Конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација.
Во Конкурсот се појаснети начинот на распределба на местата во домовите за студенти, условите и постапката за прием, начинот на електронското пријавување и документите потребни за аплицирање.
Документите се прикачуваат електронски почнувајќи од 17 до 31 јули 2023 година, а студентите од прва година документите ги прикачуваат почнувајќи од 1 до 11 септември 2023.
Конечниот список за прием на студентите од втора и повисоките години ќе биде објавен на 5 септември 2023, а за студенти од прва година на 30 септември 2023.
Лаура Стојанова М-Нет