
Мостот во општина Карбинци е еден од мостовите за кои до Центарот за управување со кризи пристигнала пријава за оштетување. Меѓутоа, вели директорот, Стојанче Ангелов, истиот сега е целосно реконструиран. На денешната прес-конференција информираше за сите пријави кои ги имале и увиди кои ги направиле изминатиов период за оштетување на мостови на територија на државата, како и за конкретните мерки што биле преземени во координација со Единиците на локалната самоуправа.
„Еден од тие мостови е мостот на реката Брегалница помеѓу селата Балван и Таринци на територијата на општина Карбинци којшто денеска е целосно реконструиран и изгледа како нов. Затоа сметавме дека нема потреба да ја информираме јавноста, во консултација со Локалната самоуправа, знаевме дека се работи на целосна реконструкција на овој мост“, истакна Ангелов.
Ангелов посочи дека во моментов се прави скрининг и на сите мостови на автопатите, магистралните и регионалните патишта, чиј број изнесува околу 1300. Повеќето веќе биле проверени и се во одлична состојба, но скринингот ќе трае до крајот на годината. Ангелов повика граѓаните и институциите да пријавуваат видливи оштетувања.
„Ги повикувам сите граѓани на територијата на државата доколку забележат оштетување на кој било мост, надвозник, подвозник, веднаш да се јават на бројот 112. Нашите оператори повикот ќе го проследат до Секторот за операции во координација на ЦУК, којшто понатаму ќе ги контактира надлежните институции. На тој начин ќе се зголеми безбедноста на граѓаните. Како Центар ние не сме експерти и не вршиме стручен надзор на мостовите, туку само ги посетуваме, најчесто лично јас“, додаде Ангелов.
Следната недела ќе информираат и за соодветни заклучоци и мерки за заштита од шумски пожари. Ангелов посочува дека во моментов имаме четири хеликоптера и еден авион, бидејќи другите два се на редовен сервис, но уверува дека ова лето сите три ќе бидат на располагање.
„Донесовме неколку заклучоци, се искоординиравме и во понеделник или вторник, во зависност од состојбата, да одржиме прес-конференција на која ќе ја информираме јавноста, вклучително на вкупните расположливи ресурси. Авионите ќе бидат функционални ова лето, сите три“, додава Ангелов.
Во оваа прилика упати апел до граѓаните да бидат внимателни при движење во природа и посочи дека ќе се обидат да ја избегнат најнепопуларната мерка – забрана за движење во природа.
Ребека Спасова М-Нет