Малешевијата извлече поука од пожарот во 2021 година, ТППЕ Берово со подобрени услови

Малешевијата и ден-денес се опоравува од големиот пожар во 2021 година, во кој изгореа 5000 км2 борова шума. Пожарникарите тогаш со помош од колеги од соседните земји се бореа со огнените јазици, но колку сега би биле подготвени да реагираат во случај на несреќа од толкав размер? Командирот на ТППЕ Берово, Сашко Руменовски, посочува дека состојбата во Единицата е значително подобрена.

„Да споменам дека во 2021 година Единицата располагаше со четири возила, сега моментално имаме шест возила. Набавивме две нови возила во 2021 и во 2022 година. Во 2021 набавивме цистерна, а во 2022 година набавивме мултифункционално возило коешто ќе биде наменето во летниот период за шумски пожари, а во зимскиот период може да помогне во снежни наноси“, вели Руменовски.

Освен возниот парк, подобрена е и опремата со која располагаат пожарникарите. Сите се опремени со специјална опрема за шумски пожари и урбана средина, а особена помош во однос на тоа имаат и од Словенија, од каде пред два месеца испратиле донација. Руменовски посочува дека подобрувањето, секако, не смее да запре.

„Од тој пожар ние и тоа како извлековме поука и состојбата во Единицата е подобрена, но не велиме дека и уште не може да се подобрува. Постојано треба да се врши дообука на пожарникарите. Ние веќе за оваа година во месец септември имаме договорено дел од пожарникарите да одат на дообука во Република Словенија, односно во Нова Горица“, додава Руменовски.

Во ек на летниот период и високи температури, Руменовски испраќа апел до сите граѓани да внимаваат кога ќе се движат во шумски предели, а итните случаи да ги пријавуваат на итните броеви.

„Сакам да апелирам граѓаните да бидат внимателни кога ќе се движат во шумски предели. Сите знаеме дека е забрането палењето оган, но доколку палат, да бидат внимателни и да не настане некоја поголема штета. Доколку видат дека има некој чад или оган во шума или во пределите каде што има висока трева, веднаш да јават, да ги информираат службите на новиот број за итни случаи – 112 или 193, како што беше претходно“, апелира Руменовски.

Беровската Противпожарна единица располага со вкупно 15 пожарникари, а во септември ќе се распише оглас за вработување на уште едно лице. Руменовски смета дека бројката е задоволителна, бидејќи според бројот на жители во ТППЕ Берово треба да има 17 пожарникари.

Ребека Спасова М-Нет