Миланов и СДСМ реагираат – класична дрскост и очајнички обид за спас е кривичната пријава

Класична дрскост на градоначалникот кон јавноста – вака некогашниот в.д. градоначалник на Штип, Јане Миланов коментира за кривичната пријава која ја доби од актуелниот градоначалник Јорданов. Вели оти материјал за препукувања на лична основа има многу, но сепак е со став дека нема да се спушти ан ивно ниво.

Ова е класична дрскост кон јавноста од страна на градоначалникот, кој веројатно несакајќи јасно и гласно посочи период од 3 години наводно незаконско работење, а притоа се задржа единствено на 3 – 4 месеци, кога на чело на општината бил Јане Миланов. Дали во афект или како лапсус, поентата на сценариото ја изнесоа во јавност самите режисери.
Јавноста и моите сограѓани ме знаат како коректна личноста која не крева галами без причина. Но, ако некои ликови на моментални позиции решиле по секоја цена да целат исклучиво на лична основа, тогаш веројатно ќе треба да се адаптирам на нивните правила на игра. А материјал за вербални препукување, особено на личен основ, на тема соработници и семејство, верувајте, не недостасува. Во моментов сепак сметам дека треба да го задржам нивото. Да не зборуваме дека оваа селективна изјава на највисок локален функционер понатаму отвора основ за дополнителни законодавни дејанија и разврски.“ – вели Миланов.

За СДСМ Штип ваквите постапки се очајнички и како расипана плоча постојано повторуваат исти тези.


„Иван Јорданов се приближува кон половината на неговиот мандат, а нема реализирано ниту еден суштински важен проект за штипјани, ниту едно од ветувањата со кои на големо се расфрлаше во предизборието.
Дополнително, неговото досегашно владеење е исполнето со бројни афери и недвосмислени криминални активности, како што е и злоупотребата на финансиски средства добиени од МТСП.
Во обид да ги прикрие неуспесите предизвикани од неговите неспособност и неработење, денеска Јорданов се обидува да го сврти вниманието кон измислени, непостоечки проблеми.“ – стои во писменото соопштение од СДСМ Штип.

Лаура Стојанова М-Нет