Двојно ќе се зголеми капацитетот на детската градинка во с. Таринци, најавена доградба

Капацитетот на Детската градинка „Кокичиња“ во карбинското село Таринци двојно ќе се зголеми. Проектната документација е обезбедена од страна на Општината, а проектот ќе се реализира со финансиска поддршка од ресорното Министерство за труд и социјална политика. Според градоначалникот, Виктор Паунов, во моментов има долга листа на чекање.

„Општина Карбинци заедно со Детската градинка „Кокичиња“ обезбедивме целосна проектна документација за доградба на Детската градинка со тоа што ќе успееме да ја доградиме со дополнителен капацитет од 50 нови дечиња коишто ќе имаат можност да бидат запишани. Досегашниот капацитет е премал, се работи за поголема листа на чекање којашто во следниов период ќе биде и минато. Проектот е обезбеден од страна на Општина Карбинци заедно со Министерството за труд и социјална политика се обезбедени 14.400.000 денари со што доградбата ќе започне во периодов којшто следи“, истакна градоначалникот Паунов.

Во реализацијата ќе учествува и Општината, но колку тоа ќе ја чини сѐ уште не се знае. Долгите листи на чекање во оваа Детска градинка се пракса уште од самото нејзино отворање. За слободните 50 места се пријавуваа околу 70 дечиња, поради што, според градоначалникот, доградбата е повеќегодишна реална потреба.

„Учеството ќе го знаеме по завршување на јавната набавка и склучувањето на договорите. Општина Карбинци ќе учествува во делот на адаптација на просториите и набавка на опремата којашто ќе биде потребна во самите простории“, додава Паунов.

Детската градинка „Кокичиња“, која, впрочем, е и единствената на територија на општина Карбинци започна да се гради во 2014 година, а свечено беше пуштена во употреба веќе следната година. Целата инвестиција беше во вредност од 14 милиони денари, а Министерството за труд и социјална политика изврши целосно ентериерно уредување.

Ребека Спасова М-Нет