
Со цртање и боење на паркингот пред Општината денеска беше активирана хуманитарната паркинг-зона во Штип, H1. Паркинг-местата кои се дел од оваа зона ќе бидат препознатливи по тоа што се креативно обележани, а нив ќе ги има на неколку локации во градот. Цената за паркирање на овие позиции ќе биде 30 денари за првиот и за секој следен час, а месечните и годишните билети за паркирање нема да важат.
„Граѓаните донираат во Солидарниот фонд, а потоа овие средства ќе се користат за помош на наши сограѓани, ранливи категории, како и за итни случаи на кои им е потребна ургентна финансиска помош. На помош во оваа наша иницијатива повикавме повеќе уметници, наставници, активисти, здруженија, родители и дечиња со кои заеднички ќе ги обележиме, исцртаме и обоиме овие солидарни паркинг позиции во различни мотиви. И оваа прилика ја користам да им се заблагодарам на нивното учество и несебичен придонес“, истакна Панче Стефановски, директор на ЈП „Стипион“.
Хуманитарната зона освен пред општинската зграда, ќе биде застапена и покрај Плоштадот „Слобода“, три позиции наспроти стоковната куќа НАМА, како и на платформите за паркиње на река Отиња. Секоја локација од зоната е соодветно означена со информативни табли, а новина ќе биде можноста за наплата преку банкарска сметка со скенирање на QR код кој може на се најде на самата табла. Во Солидарниот фонд ќе заминат 20% од средствата собрани преку оваа услуга.
„Јавното претпријатие „Стипион“ обезбеди бои, четки и други потребни материјали за работа за да ги разубавиме овие паркинг-позиции и да им дадеме посебен карактер, препознатливост и еден урбан лик. Освен хуманиот аспект, идејата на воведување на хуманитарната зона Х1 е овозможување на полесен пристап до паркинг места на граѓаните кои имаат итни обврски во институциите во централното градско подрачје“, додаде Стефановски.
Инаку, Штип е град кој располага со 800 паркинг места. Паркирањето на позициите кои не се дел од хуманитарната паркинг-зона чини 20 денари за првиот и 15 денари за секој следен час.
Ребека Спасова М-Нет