
Со натпревар во брзо решавање крстозбори, Енигматскиот клуб „Спиро Прилепчански“ од Штип одбележува 30 години постоење. На натпреварот има дваесетина учесници, меѓу кои се гости од Охрид, Радовиш, Скопје и Гевгелија, а за кои се подготвени награди.
„Во името на целото претседателство се потрудивме да го одбележиме скромно, меѓутоа натпреварувачки, овој ден. Се надеваме дека добро ќе помине и ја користам оваа прилика да се заблагодарам на сите спонзори, донатори, кои помогнаа да се одржи овој турнир“, истакна Зоран Манасков, претседател на Енигматскиот клуб „Спиро Прилепчански“.
Наградите се обезбедени од модни конфекции и печатници во Штип, но Манасков посочува дека целта е енигматиката да се одржи во живот. Иако пред две децении имало петнаесетина енигматски клубови, денес може да се избројат на прсти.
„Не се скромни наградите, меѓутоа во рамките на нашите можности. На крајот на краиштата, никој од енигматичарите не доаѓа овде за награди, туку доаѓа за едно видување, за да не дозволиме енигматиката да изумре. За жал, овие друштевените мрежи водат во таа насока“, додава Манасков.
Енигматскиот клуб „Спиро Прилепчански“ во Штип има дваесетина члена, од кои активни се само шест или седум. Клубот е форимиран на 23 јуни 1993 и прв секретар на истиот бил нашиот спортски новинар Драги Герасимов – Пушка.
Ребека Спасова М-Нет