Недела дена по отворањето на новиот пазар во Делчево, цените стари, побарувачката задоволителна

Недела дена по отворањето на новиот градски пазар во Делчево, раздвиженоста задоволителна. Овошје и зеленчук, грав, ориз, текстил, сѐ на едно место, на нови тезги, покриен простор, и нови услови за продажба на храната. Производители односно продавачи имаше од делчевскиот, но и од кочанскиот регион кои своите производи ги пласирале на пазарот во Делчево. Продавачите пред камерите на М-Нет телевизија велат дека се задоволни што конечно добиле нов покриен пазар. Кога е во прашање цената на производите речиси е идентична како и претходно, без драстични промени. Велат дека побарувачка има на основните производи оти за повеќе граѓаните немаат пари.

„Новиот пазар па чекаме го, 49 години сум јас во Делчево и фала им многу што го направија. Народот нема ногу пари, не знаеме како ќе биде. Троше се се“ – велат продавачите.

И за купувачите новиот пазар во Делчево е добра инвестиција која ја чекале долго време. Велат дека во зависност од квалитетот на производите се движат и нивните цени, ама барем има избор. Се надеваат дека цените нема дополнително да растат.

„Добро е добро, прво и прво на сушина сме, сега производите може да поскапат малку ама тоа е. Има и скапо и поевтини работи, зависи од квалитетот на производот.“ – велат купувачите.

Затворениот пазар во Делчево официјално започна со работа претходната сабота, а на отворањето присуствуваа и премиерот, Димитар Ковачевски, и министерот за земјоделие, Љупчо Николовски. Со оваа инвестиција Делчево добива подобри услови за пласирање и продажба на храната, како и заштита од непогодни временски услови.

Лаура Стојанова М-Нет