
Годинава ќе се јаде скап домат, покажува штипскиот пазар. Цената на доматот како најбаран производ во летните месеци повторно скокна, а според продавачите ќе стигне и до 100 денари. Недостатокот од работна сила и производство го носи ризикот државата целосно да стане увозно-зависна.
„Нема кој да работи, тоа е проблемот, ќе биде многу скап доматот, ќе дојде до 100 денари. Нема доволно, нема каде да купиш.“
„Нема доволно роба, нема производство, нема кој да произведува. Ќе расте уште. Нема домат, нема кој да работи, младите заминаа во странство, старите се над 60 години, не можат веќе да работат. Претходните години Струмица ја хранеше цела Југославија, ама сега нема, нема доволно производство и сѐ повеќе ќе нема, ќе дојде ред ќе бидеме само на увозно.“
И цените на другите производи никако да се намалат. Лубеницата од 80 денари за килограм денеска падна на половина, односно можеше да се најде по 30 или 40 денари, а дињата сѐ уште е со цена од 70 денари. Продавачите се делумно задоволни од пазарот, ама истиот беше празен во најтоплиот период од денот.
„Има добра потрошувачка денеска оти нема доволно роба, криза е со дома, со сѐ. Скапа е робата, ама нема доволно, луѓето купуваат, се ценкаат, ама купуваат. Доматот е 80 и 90 денари, праската е 60 денари, компирот е 50 денари, лимонот е 100 денари, портокалот 80, пиперот е 60 денари, дињата е 70 денари, лубеницата е 40 денари.“
„Доматот е со малку повисока цена, пиперот е 50 денари, доматот е 70 до 80, краставицата е 40 денари.“
Високите цени на штипскиот пазар ги констатираа и купувачите, кои повторно се повикаа и на ниските примања.
Последен пат доматот имаше висока цена од април до крајот на мај, поради што Владата ја ограничи цената на не повеќе од 70 денари. Оваа мерка престана да важи на 31 мај, односно во јуни не беше продолжена.
Ребека Спасова М-Нет