
Централната церемонија за одбележување на 110-годишнината од Брегалничката битка денеска се одржа во Штип. Полагање венци на спомен-плочата и оддавање почит на паднатите војници во Втората балканска војна извршија претставници од српските Влада и војска, Н.Е. Амбасадорката на Србија, Невена Јовановиќ, како и претставници од штипската Локална самоуправа, Здруженија и партии, а на свеченоста беа и претставници на Српската и Македонската православна црква. За српскиот министер, Никола Селаковиќ, ова е доказ за братска љубов и почит.
„Кога би се вратил 95 години наназад, на денешен ден би можел да види десетици илјади луѓе кои се собрале на осветување на Спомен костурницата на ова брдо Каленица. Спомен костурница која не е направена некому да пркоси, која е градена за во својата утроба вечно да ги чува повеќе од 6.000 загинати српски синови. Денес таа капела не можеме да ја видиме, не можеме да видеме илјадници луѓе, ама можеме да видиме повеќе отколку некои претходни години, гледаме претставници не само на државата Србија, туку и на Македонија. Гледаме претставници на Македонската и Српската православна црква, чувствуваме братска љубов и почит“, истакна Никола Селаковиќ, Министер за труд, вработување, боречки и социјални прашања на Република Србија.
Селаковиќ во своето обраќање посочи дека ова треба да остане традиција секоја следна година, а поводот да ја пренесе пораката дека оние кои се на Балканскиот полуостров треба да се договаараат едни со други, а Големите да се занимаваат со својот простор, наместо со овој.
„Должни сме да исправиме една неправда собирајќи се овде секој 29 јуни, секоја година. Должни сме да ја исправиме и во разговор, сами меѓу себе, пред тоа сами со себе, а на крајот помеѓу два братски народи, српскиот и македонскиот. Должни сме да го правиме тоа за да ја разбереме смислата на таа војна и смислата на таа борба и престојот на српскиот војник овде, мораме да се вратиме во тоа време. Нека тие две војни бидат најдобра и најсилна поука и порака сите нам кои го делиме овој преубав животен простор, југоистокот на Европа, нашиот Балкански полуостров, дека секогаш е подобро да се договараме едни со други, бидејќи остануваме овде да живееме, а големите нека се занимаваат со своите куќи и дворови, бидејќи тие овде никогаш нема да живеат“, додаде Селаковиќ.
Денешниот ден се одбележа и во селото Цера во Македонска Каменица, а венци се положија и во Спомен костурницата во местото Долно Карасларе кај Велес.
Ребека Спасова М-Нет