В сабота во функција ќе се стави Солидарниот фонд преку хуманитарни паркинг-места

В сабота во пракса ќе се стави проектот „Поплочи го патот на солидарноста: паркирај и донирај“ на штипското јавно претпријатие „Стипион“. Настанот ќе се одржи на паркинг-просторот пред Општина Штип, а ќе се приклучат уметници, здруженија, дечиња и солидарни и хумани граѓани и граѓанки на Штип, кои ќе помогнат во разубавување на паркинг-просторите, од кои дел од средствата ќе се одвојат за Солидарниот фонд.

Паркинг местата на неколку локации во централното градско подрачје во Штип ќе бидат различно обележани, согласно со креативноста на уметници кои хуманитарно ќе работат на обележување на Х зоната во градот. На местата ќе бидат поставени соодветни табли со кои граѓаните ќе може да ги препознаат овие паркинг-места.

На територија на Штип, хуманитарни ќе бидат 131 паркинг-места во централното градско подрачје. За нив ќе се наплаќа 30 денари за првиот и по 30 денари за секој нареден час, а 20% од целата сума која ќе се собира по основ на ова паркирање ќе биде за хуманитарна акција. Граѓаните ќе плаќаат преку СМС-порака на постоечкиот број, а на овие места нема да важат повластените месечни карти.

Ребека Спасова М-Нет