
Сведоци на ваква слика на влезот од Штип, кај населбата Железничка, се граѓаните во текот на петте работни дена од неделата, па и во сабота, иако во помала мера. Гужвата и сообраќајниот метеж во овој дел од градот не е нов проблем, туку нешто со кое возачите се соочуваат многу одамна, поради што се принудени да се снаоѓаат преку методот на сообраќајна култура. Ваква фреквенција на возила има пред сѐ поради тоа што во овој период од денот работници во компаниите завршуваат со работните обврски, па користат автобуси или автомобили за заминување од работа. Делумно решение на проблемот има со тоа што компаниите имаат разлика од барем половина час во крајот на работното време, а и автобусите не се задржуваат во чекање на патници. Меѓутоа, според работниците тоа се уште е проблем, а уште поголем за оние кои од други градови во тој момент пристигнале во Штип.
М-Нет Телевизија и претходно ја актуелизираше оваа тема, но реакции од граѓани и понатаму пристигнуваат. Дали постои можност за реакција на сообраќаен инспектор прашавме во Општина Штип. Оттаму ни посочија дека надлежноста на сообраќајниот инспектор е да прави режим на сообраќајот, што во овој случај не би можело да се примени. Велат, дека единствено можно решение е регулирање од страна на припадници на МВР. Од СВР Штип, пак, посочуваат дека согласно со динамиката на сообраќајот полициски службеници се поставени секаде каде што има потреба и дека прават сѐ што е во нивна надлежност, односно дека се постапува законски.
Ребека Спасова М-Нет