
Вкупно 758 слободни места имаат четирите средни училишта во Штип за новите средношколци. Најмногу се во СОУ „Коле Нехтенин“, нешто помалку има Гимназијата, а најмалку средното текстилно училиште. Деветтото одделение, пак, го завршиле 357 ученици во петте основни училишта. Овие два дена е последниот рок за идните средношколци да аплицираат преку системот за електронски услуги на МОН, односно запишувањето завршува утре во 15:00 часот.
„На територија на општина Штип имаме четири средни училишта и вкупниот број на слободни места е 758 распоредени во следниот редослед: Гимназијата има 236 места, СОУ „Коле Нехтенин“ има 254 места, СОУ „Димитар Мирасчиев“ има 93 места и СОУ „Јане Сандански“ има 175 слободни места“, истакна Роберт Аџипетров од Одделението за образование при Општина Штип.
Утре во 15:00 часот системот ќе биде затворен за онлајн-аплицирање од ученици и прелиминарната ранг-листа ќе се објави на 22 јуни, најдоцна до 9 часот, по што учениците кои се нашле на истата ќе треба да ја достават потребната документација до училиштата согласно со изготвен распоред од нивна страна. Пријавата за запишување која ја генерира електронското запишување мора да се испечати и достави заедно со останатите документи. Конечната ранг листа ќе се објави на 23 јуни, најдоцна до 12 часот.
„Исто како и претходната година, и оваа година Министерството за образование и наука со цел оптимизирање на постапката за упис на деца во средното училиште го има целиот процес преку системот за електронски услуги и практично уписите се одвиваат електронски. Тоа е веќе започнато, децата можат да аплицираат преку е-услуги платформата, а истото ќе биде и во текот на утрешниот ден, за веќе следниот ден да биде објавена и прелиминарната ранг листа за децата да ги донесуваат документите во училиштата“, додаде Аџипетров.
Второто пријавување ќе биде на 27 и 28 јуни преку електронскиот систем, а доставувањето на потребната документација до училиштата ќе се случи на 29 и 30 јуни. Конечната ранг листа од овој втор упис ќе биде објавена на 1 јули со резултати од запишувањето и слободни места.
Ребека Спасова М-Нет