Униформи ќе носат учениците од прво до петто одделение од септември во штипските училишта

Од септември учениците од прво до петто одделение во штипските училишта ќе носат униформи. Општината ќе обезбеди бројка од околу 2200 униформи, согласно со списоците кои училиштата веќе ги доставиле до нив. Единствено, останува да се види конечната бројка на првачиња кои од септември ќе посетуваат настава во основните училишта во Штип.

„На почетокот планираме да се воведат униформи за учениците од прво до петто одделение. Веќе подготовките се при крај, така што списоците коишто ги добивме од основните општински училишта се ажурираат во Одделението за образование, ќе ни требаат уште дополнително податоци за учениците коишто од наредната учебна година ќе бидат запишани во прво одделение. Досега се доставени сите списоци за учениците коишто се од второ до петто одделение“, истакна Соња Николова, советник за основно образование.

Од Одделението за образование посочуват дека веќе се координираат околу самата изработка на униформите, која ќе се реализира во соработка со штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ и средното текстилно училиште.

„Исто така веќе се работи на избор на моделот на униформите коишто учениците ќе ги носат. Во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, како и во соработка со СОУ „Димитар Мирасчиев“, значи, стручни кадри, се изработуваат модели коишто ќе бидат соодветни за учениците од прво до петто одделение, односно за униформите коишто ќе бидат наменети за таа возраст“, додава Николова.

Николова посочува дека примерот од минатото кога се носеле униформи во училиштата бил добар пример на унифицираност на учениците, препознавање и една поубава слика во делот на образованието.

Ребека Спасова М-Нет