Сериозен дефект ги остави кочанчани без вода, можно нормализирање во вечерните часови

Сериозен дефект на цевководот ги остави жителите на високата зона во Кочани без вода. Од кочанското КЈП „Водовод“ посочуваат дека оштетувањето е лоцирано, односно поради обилните врнежи во саботата и наносите на талог и друг отпаден материјал во Кочанска река, оштетен е цевковод Ф200 од ПВЦ. Се работи на санација, но потребно е намалување на водостојот за да се отстрани дефектот.

„По пријавувањето на дефектот, екипите на КЈП „Водовод“ Кочани излегоа на терен и успешно го лоцираа оштетувањето на цевководот во течението на Кочанска Река, но поради зголемениот водостој на реката, беше неопходно намалување на водостојот за да се отстрани дефектот. Во текот на денот екипите на КЈП „Водовод“ Кочани помогнати од механизација и на други приватни стопанственици и Општина Кочани ќе работат на делумно пренасочување на дел од Кочанска Река за да се овозможи пристап на механизација и луѓе за целосно отстранување на дефектот во речното корито.“ – стои во соопштението од КЈП „Водовод“ – Кочани.

Дефектот настанал во саботата попладне, по што без вода останале жителите во населбите Драчевик и Варница и на улиците „Скопска“, „Охридска“, „Бел Камен“, „Коста Рацин”, „Ударничка”, „Шукри Шаин” и „14 Бригада” во Кочани, како и сите корисници од селото Бели.

Од Комуналното претпријатие се надеваат дека сериозниот и комплексен дефект на цевководот ќе биде саниран во текот на денот, а корисниците ќе ја добијат услугата во вечерните часови. Посочија дека цистерни со техничка вода веќе се испратени, а на ова се подготвени да се приклучат и од Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво.

Ребека Спасова М-Нет