Објавен Конкурсот за драмски текст за деца од страна на штипскиот Центар за култура

Штипскиот Центар за култура го објави Конкурсот за драмски текст за деца. Рокот за доставување е до 30 септември, по што Комисијата ќе ги разгледа пристигнатите текстови и за најдобриот ќе одлучи до средината на месец октомври. Правилата остануваат исти како и минатата година, а ќе бидат објавени и на официјалната страница на Центарот.

„Оваа година остануваат исти правила и препозиции. Секој автор со навршени 18 години може да достави два драмски детски текста со тоа што ќе биде награден само еден текст. Комисијата ќе биде формирана и тајна ѝ ќе бидат доделени текстовите на 30 септември. Значи, рокот е до 30 септември, од кога имаат 15 дена рок за да одлучат кој е најдобриот текст“, истакна директорот Трајков.

Најдобриот текст ќе биде парично награден и поставен на сцена, а наградената пиеса и другите две што ќе влезат во потесен избор ќе бидат препорачани на сите културни институции кои имаат можност за сценски изведби.

„Ќе бидат наградени три текста, првонаградениот ќе биде парично награден и ќе биде поставен на сцена. Наградниот фонд за првиот текст е 60.000 денари во бруто износ и печатење на пиесата во 100 примерока“, додава Трајков.

Конкурсот се објавува втора година по ред, а минатата година имаше пријавено 15 текста. Најдобриот беше насловен „Ајварко, Кифи и мистер Хамбургер“ од Огнен Неделковски, кој беше испечатен и поставен како театарска претстава. За разлика од минатата година, кога финансираше Министерството за култура, оваа година Конкурсот е самофинансирачки од Националната установа.

Ребека Спасова М-Нет