Бесплатна градинка за 45 деца и бесплатен оброк за над 130 ученици во Лозово

Над 130 деца од основното училиште во Лозово ќе добијат бесплатен оброк, а за 45 деца од детската градинка ќе биде обезбедена бесплатна градинка. Иницијативата в понеделник ќе се најде пред Советот на Општината, кој треба да ја донесе конечната одлука за истата да се спроведува од јули во детската градинка, а од септември во основното училиште.

„Во моментот за да не се доведеме во ситуација некои да бидат привилигирани, во детската градинка имаме предвидено финансиски средства кои ќе го задоволуваат максималниот број на капацитетот на деца на градинката да го прими. Додека, пак, во училиштето во овој момент мојата иницијатива до Советот е за учениците од прво до петто одделение, а во наредната година да размислуваме, доколку имаме услови, да го покачиме и во погорните одделенија“, истакна Цветковски.

Цветковски вели дека идејата доаѓа од средбите на терен со граѓаните, но и од тоа што тој како човек од работничко семејство знаел со какви предизвици се справуваат родителите на децата. Посочува дека истата сега може да се реализира, бидејќи Општината полека излегува од финансиската криза со тоа што ги исплаќа долговите.

„Ако се земе предвид фактот дека во моментот на моето доаѓање на функцијата градоначалник затекнав општина со многу сериозни долгови, голем дел од работите беа одложени, затоа што имавме проблем со наплата на тие долгови. Полека излегуваме од таа криза и она што може да го понудиме е она вистинското што треба една Локална самоуправа да го понуди, а тоа е да биде вистински сервис на граѓаните“, додава Цветковски.

За оваа година до месец декември предвидени се 400.000 денари од општинскиот Буџет за покривање на трошоците за престој во детската градинка, како и 700.000 денари за оброк на учениците од прво до петто одделение во основното училиште.

Ребека Спасова М-Нет