На училиштата им недостига наставен кадар, а на факултетите студенти – што да се преземе?

Недостатокот на кадар во образованието и со тоа низата пречки со кои се случуваат наставниците е резултат на намалениот број на студенти во одредени факултети. Една од причините е, секако, иселувањето, а друга непопуларноста на професорската професија или на соодветните науки. Катедрата за македонски јазик и книжевност, на пример, секоја година се соочува со сѐ помал број на студенти додека во истовреме училиштата мака мачат да најдат професори по Македонски јазик и литература. Професорката Марија Иванова од Филолошкиот факултет во Штип посочува дека ова навестува нарушување на образовниот систем.

„За Македонски јазик се знае дека мора да биде од Филолошки, меѓутоа, веројатно, има случаи, сум слушнала дека има и од Педагошки факултет, но може да се случи и се бараат. Сега засега се случува да не може да се најде замена доколку некој е на боледување, не само по Македонски, туку и за други предмети. Сетоа тоа зборува дека образовниот систем во иднина ќе биде нарушен“, вели Марија Иванова, професор на Филолошкиот факултет во Штип.

Иванова вели дека наставниците се трудат да направат сѐ што е во нивна можност, меѓутоа посочува дека треба многу поголем ангажман и од страна на државата. Конкретно, во однос на македонскиот јазик забелешки наоѓа во изземањето на делот Историја на македонскиот јазик во новата концепција за шесто одделение, како и укинувањето на натпреварите по Македонски јазик и литература.

„Еве, натпревари по македонски јазик, ние веќе четири години немаме такво нешто. Кој е виновен за тоа? Сите натпревари по македонски и рецитаторски натпревари во знаења не постојат. Наводно поради акредитации и така натаму, колегите си пишуваат на социјалните мрежи, но тоа воопшто не го гледаме на бело видело. Не бараме виновник, туку, едноставно, да се преземе нешто“, додава Иванова.

Еден од методите кои го зголемиле бројот на студенти на Катедрата за македонски јазик и книжевност, па и на целиот Филолошки е покривањето на партиципацијата за студентите во прва година, вели деканката Луси Караниколова-Чочоровска.

„Студентите во прва година се ослободени од плаќање партиципација, така што откако го започнавме овој тренд, што потоа се прошири и на другите катедри на Филолошкиот факултет, може да кажеме дека сепак има студенти. Меѓутоа, претпоставувам дека малиот број се должи на онаа глобална појава на иселување“, истакна Караниколова-Чочоровска.

Во моментот на Филолошкиот факултет во сите четири години има околу 250 студенти, а само на Катедрата за македонски јазик и книжевност околу 40. Според податоците на Државниот завод за статистика, минатата година на Филолошки дипломирале 46 студенти.

Ребека Спасова М-Нет