
Премиерата на новиот продукт на штипскиот театар, претставата „Роденден“, ќе се случи в сабота, во 20:00 часот. Претставата е под режисерската палка на Васил Христов, а по текст на Харолд Пинтер. Станува збор за еден нов и необичен проект, во кој е карактеристична атмосферата која го зачудува гледачот.
„Претставата сама по себе е доста специфична заради тоа што иако е на сцена, во театар, таа воведува еден нов филмски јазик на режија и на глума во театарот, којшто е доста зачуден и невообичаен за публиката. Се надеваме дека со тоа ќе предизвика доволно интерес кај публиката да ја следи“, вели режисерот, Васил Христов.
Во претставата играат актерите Милорад Ангелов, Ефтим Трајчов-Ѓаурски, Валентина Ѓоргиевска, Владимир Тулиев, Стефанија Митовска и Даријан Петров, а костимите се изработени од страна на студентите на Технолошко-техничкиот факултет при штипскиот Универзитет.
„Она што е интересно е тоа што оваа претстава е еден нов почеток на соработка со УГД, за што упатуваме благодарност до професорката Марија Киркатова, којашто заедно со својот тим на студенти ги изработија костимите. Конечно се случи соработката помеѓу Универзитетот и Театарот, се надевам дека ова нема да биде последен проект и ќе биде само почеток на идни многу успешни проекти“, вели актерот Милорад Ангелов.
Според актерите, публиката од претставата останува збунета со несигурно чувство. Екипата на Театар Штип со својата игра го доловува и претставува токму тоа.
„Конечно, штипски Театар по долго време, по период на само комедии, добива и сериозна претстава, актерска, театарска, филмски суптилна, модерен израз и нешто во што театарската публика сигурно ќе ужива“, вели актерот Ефтим Трајчов-Ѓаурски, актер.
Ова е трет театарски проект на штипскиот Театар, а прв финансиран од Министерството за култура. До крајот на полусезоната ќе се работи и на четврти проект.
„Јас како директор сум задоволен од нивната работа, затоа што имаа некој процес кој за нив беше лагоден и удобен за работа, така што се надеваме дека и публиката тоа ќе го почувствува во сабота“, истакна Трајков.
По премиерата в сабота, ќе следат две репризни изданија на 6 и 8 јуни. Почетокот е во 20:00 часот. Влезниците за премиерата се распродадени, а за репризните изданија чинат 200 денари.
Ребека Спасова М-Нет