
Од денеска се „одмрзнуваат“ цените на прехрамбените производи, овошјето и зеленчукот. Владината мерка престанува да важи за лебот, зејтинот, млекото, средства за хигиена, како и 11 видови на овошје и зеленчук, односно за оние производи кои беа со ограничена цена. На терен во Штип цената на овошјето и зеленчукот е пониска од онаа која ја одреди Владата уште од претходно. Продавчите велат дека таа дополнително ќе паѓа, оти има поголемо производство, а помала побарувачка. Во овој момент додаваат дека цените на доматот, пиперот како и на овошјето се реални за овој период од годината.
„Реално да кажам и да се одмрзнуваат цените, тие ќе паѓаат секако. Сега секојден излегува ново производство, производството се зголемува, побарувачката е помала. Ние очекуваме уште пониски цени. Побарувачката се намалува секој си произведува дома по малку. Цените сега за сега се реални, доматот прва класа е 80 денари, а има домат дури и 50 денари за килограм“ – велат продавачите.
Момнетално единствено изненадува цената на краставицата, наместо да се намалува и реално да се нуди за цена од 40 денари за килограм, таа достигна цена и до 80 денари за килограм. Нејасно е за продавачите на што се должи покачувањето на цената на краставицата, ама велат не се исклучува можноста истата да падне во периодот кој следи.
„Јас мислам дека ќе има доволно производство. Проблем има околу краставицата, а не би требало да го има. Краставицата сега е со повисока цена, не знам зошто е покачена.“ – додаваат продавачите.
Првата одлука за замрзнување на цените беше донесена на 28 февруари кога се замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, а потоа на 16 март Владата донесе одлука да се замрзнат и цените на дел од тестенините и млечните производи. На 21 март стапи во сила и одлуката за замрзнување на цените на оризот и јајцата, додека на 5 април беа замрзнати цените и на 11-те видови овошје и зеленчук. Од Влада посочуваат дека од денеска откако се одмрзнаа цените ако има драстични промени тие ќе реагираат повторно.
Лаура Стојанова М-Нет