Башкими покажа моќ и стана второлигаш – Куманово следната година ќе гледа второлигашки фудбал!

Башкими одигра перфектен натпревар на Градскиот стадион во Тетово и по долги години се врати во Втората македонска фудбалска лига.

Шампионот на Трета лига – Север го доби Влазерими Ј 1977, екипа која беше шампион на Трета лига – Запад со 3:0. Фактот дека Башкими одигра 30 првенствени натпревари во однос на Влазерими кој одигра само 12, уште еднаш се потврди можеби како клучен факт и голема предност во овој психолошки тежок натпревар.

Во Тетово екипата на Башкими преку Сами Аљиљи уште во 16. минута дојде до водство од 1:0 за голема радост на навивачите од Куманово, а само седум минути подоцна Егзон Азири стрелаше за 2:0 и двојна предност на полувреме.

Во вториот дел Влазерими се обидуваше да дојде до брз гол со цел да ја преполови предноста на противникот од Куманово, но Башкими беше одличен и успеа да ја сочува предноста од два гола до финишот од мечот, кога Азири со втор гол ги постави конечни 3:0 во судиското надополнување.

Башкими е нов член на Втората македонска фудбалска лига, а Влазерми како поразена екипа, ќе се надева на ждрепка и на среќен начин да се пласира во Втората лига за следната сезона. Покрај Влазерими во ждрепката за среќници е и Осогово и Новаци.

Од трите поразени екипи – Влазерими, Осогово и Новаци, две екипи со ждрепка ќе бидат извлечени и ќе бидат нови второлигаши.