Со тактичко-показни вежби ТППЕ Штип го одбележа Денот на пожарникарите

Интервенција на запален објект и запален автомобил симулираа штипските пожарникари по повод Денот на пожарникарите. Настанот беше организиран со цел на присутните да им се прикаже секојдневната работа на ТППЕ Штип, а на истиот присуствуваа и гости од Армијата, СВР Штип, Локалната самоуправа, како и дечиња од основни училишта и градинки.

„На овој ден ја изложивме опремата и возилата со кои располага Противпожарната единица. Изведовме две тактичко-показни вежби, една беше внатрешен напад на запален објект, а другата запален автомобил при несреќа. Со ова сакавме да покажеме на граѓаните како ние реагираме и работиме доколку се случат вакви несреќи. Голема благодарност до сите гости кои дојдоа и ни го разубавија овој ден, а најмногу до дечињата од градинките и основните училишта“, вели Дарко Коцев, командир на ТППЕ Штип.

Градоначалникот, Иван Јорданов, на овој ден посака помалку интервенции, но посочи дека и да се случат ТППЕ е подготвена да интервенира. Сепак, посочи на некои од проблемите со кои се соочуваат како институција надлежна за штипската противпожарна единица.

„Морам да констатирам дека компаративно со годините наназад ТППЕ е стекната со современа опрема, со ново возило, со најсовремени униформи и опрема за интервенции. Посакав што е можно помалку интервенции да се случуваат во периодот којшто следи, но кога е најпотребно екипите се тука да интервенираат во служба и сервис на граѓаните. Ние како Локална самоуправа сме одговорни за ТППЕ Штип, но жалосно е што блок-дотациите кои ги добиваме не се доволни да се покријат ниту платите на вработените, а не, пак, да зборуваме за некакво осовременување“, истакна Јорданов.

Јорданов апелираже државата да ги исплаќа предвидените средства за пожарникарите да ги добијат своите загарантирани плати, но и подобри услови во секојдневните интервенции.

Ребека Спасова М-Нет