
Лични недоразбирања со градоначалникот Иван Јорданов една од причините поради која утре ќе се разреши челн на управниот одбор на ЈП Исар. Јонче Маноилов вели дека освен ова како причина се јавува и тоа што тој не гласал на предлог одлука да се покачи сметката за вода во Штип. Токму затоа по барање на градоначалникот утре на Седница на Совет ќе има точка за негово разрешување.
„Причина за моето разрешување од Управниот одбор на ЈП Исар е поради меѓусебните недоразбирања со актуелниот градоначалник Иван Јорданов, а другата и поважна причина е моето негласање на предлог на градоначалникот и барање на советот до в.д. директорот и заменик претседателот на УО на ЈП Исар за покачување на сметките за вода во Општина Штип. На 4.5.2023 година предлогот беше ставен на гласање и јас тој предлог не го гласав, сметајќи дека таа одлука е на штета на граѓаните. “ – вели Маноилов.
Тврди дека советниците телефонски биле контактирани за да се потпише петиција за негово разрешување.
„Од мои лични извори потпишаните советници биле телефонски контактирани и повикани од Претседателката на Советот за мое разрешување по наредба на градоначалникот Иван Јорданов.“ – додава Маноилов.
Градоначалникот Јорданов, преку смс порака истакна дека станува збор за тотална измислица и лага.
Лаура Стојанова М-Нет