
Работодавачите ги прекршуваат работничките права, ама работниците се сѐ повеќе информирани за своите права. Ова е ставот на Здружението „Гласен текстилец“ од Штип во пресрет на 1 Мај – Денот на трудот, од каде посочуваат дека бројката на работници кои побарале помош во периодот помеѓу минатиот и овој 1 Мај е зголемена. Адвокатот Донче Стаменков, во споредбата јавен и приватен сектор, посочува дека работниците од приватниот сектор се помалку заштитени.
„Кога би ги генерализирале постапките пред судовите вклучително за јавниот и приватниот сектор, станува збор за парични побарувања по однос на неисплатени плати и додатоци на плата. Ако земеме да го разграничиме јавниот сектор од приватниот сектор, може да кажеме дека за разлика од приватниот сектор, во јавниот тужбените барања во целост се наплатуваат преку позитивни пресуди во надлежните судови од нашата држава, но генерално во приватниот сектор работниците се помалку заштитени“, вели адвокатот Донче Стаменков.
И во приватниот сектор има позитивни пресуди во корист на работниците, преку форми кои ги овозможува законот, компаниите се претставуваат како затворени или неликвидни со што не може да се наплатат паричните побарувања од страна на работодавачите. Во однос на ова Ампева вели дека е важно навремено да се преземат сите постапки за што е потребно работниците навремено да бидат информирани за своите права.
„Проблематично е што работниците чекаат, не ги искористуваат роковите. Проблематично е тоа што на крајот остануваат без неколку плати, фирмата оди во стечај, во ликвидации. Секакви форми смислуваат, а на крајот работниците се оние коишто остануваат оштетени. Затоа и апело е да не чекаат, плата се пушта до 15. наредниот месец, придонесите заедно со тоа. За жал, системот на УЈП сѐ уште дозволува каснење на плата, сѐ уште дозволува исплата под минималец
И адвокатот Стаменков апелира на навремена реакција од страна на работниците. Посочува истите да се обратат кај Здружението или адвокати специјализирани за трудовата легислатива со цел да ги заштитат своите права.
„Се јавува момент каде што самите работодавачи на моментот на засновање на работен однос ги приморуваат работниците да потпишуваат бланко изјави. Од овде апелирам тоа да не го прават, бидејќи е незаконски, а тие бланко изјави подоцна ги користат за да бидат работниците одјавени во форма во којашто не може да си ги добијат своите права“, додава Стаменков.
Ампева вели дека е позитивно тоа што иако „Гласен текстилец“ започна со текстилни работници, сега се испраќаат иницијативи до Уставен суд и за градежни работници, компании за обезбедување и слично.
Ребека Спасова М-Нет