Свински сапун и домашен оцет – Данилов од кочанско ги продава на пазарот во Штип

Свинска маст и сода – комбинација за производство на еден од најдобрите сапуни за перење облека, но и за коса. Данилов Тошо од кочански Чифлик вели дека го продава сапунот кој го прават неговите родители, но додава дека и тој учи на кој начин да го подготвува. Радува фактот дека повозрасните граѓани сѐ уште го бараат и купуваат, бидејќи ги знаат придобивките од истиот, а цената е достапна за буџетот на граѓаните.

„Свински сапун, се вари, многу е убав за перење плус тоа е многу убав за косата. Се прави од свинска маст. Го прават тато и мама, ама свињите ни ги уништија. Килограм сапун е околу 100 денари, а луѓето кој ме знаат сите го бараат“ – вели Данилов.

Освен сапун Тошо подготвува и оцет кој вели е природен, од природни овошки собрани од планината. Идентично како и сапунот се купува и оцетот, граѓаните бараат домашни прозиводи, кои се подготвени со многу посветеност и внимание.

„Тоа се прави од диви шипки од планината, се чува, треба да врие. И го бараат многу, не само од државата, туку и надвор од Македонија“ – додава Данилов.

Данилов и неговите производи може да се најдат на пазарот во Штип секој петок.

Лаура Стојанова М-Нет