Органите за трансплантација во моментов не се префрлуваат, случаите најчесто се во Скопје

Транспорт на органите кои треба да се трансплантираат во моментов нема. Прво треба да се докаже мозочната смрт, а за тоа немаат можност сите помали градови каде има вакви пациенти. Националната координаторка за трансплантација, Маја Мојсова-Мијовска, вели дека не станува збор само за пренос на органите, туку и за целата процедура која е потешкиот дел.

„Органите во моментов не ги префрлуваме, туку доколку постои сомнение за мозочна смрт во Штип или во некој од помалите градови каде што се на интензивно лекување, треба да се докаже таа мозочна смрт. Тоа е потешкиот пат, значи, има два клинички теста и едно параклиничко испитување за да биде прво тоа докажано. После, откога ќе биде докажано, треба да се испита дали тој пациент носи некакви болести коишто може да му ги пренесеме на рецепиентот. Кога ќе се докаже мозочната смрт, тогаш одиме кон согласност. За сѐ што е сомнение во помалите градови, се јавуваат кај нас и го координираме целиот процес. Ние сме спремни и да дојдеме во градовите за да помогнеме во процесот. Зависи кој од градовите има можност да ги изврши испитувањата. Не станува збор само за пренос на органите, туку целата процедура прво треба да се заврши“, посочува Мојсова-Мијовска.

Вообичаено пациентите со потешка клиничка слика се на Клиниката во Скопје, така што најчесто не се соочуваат со потреба од транспорт на органи.

„За среќа или за жал, генерално, најголемите повреди на мозок и најстрашните случувања во мозок што може да се случат завршуваат на Клиника, или во нашето Интензивно или во неврохируршкото интензивно. И тие најтешки пациенти, бидејќи завршуваат кај нас, ние ги имаме под око“, додава Мојсова.

Мојсова-Мијовска посочува дека во последните три – четири години има значителен напредок во однос на трансплантологијата.

„Реално, имаме голем напредок. Прво, свеста кај граѓаните е повисока, еве, и сега што зборуваме на оваа тема, повторно работиме во смисла на подигање на свеста кај граѓаните – што значи мозочна смрт и што кога ќе се случи можеме да направиме. Втора работа е тоа што отворивме три програми, започнавме трансплантација на срце, трансплантација на коскени ткива и трансплантација на црн дроб за првпат во Македонија. Сепак, мислам дека тоа е, навистина, голем исчекор“, посочува Мојсова-Мијовска.

На листата за трансплантација се сите, вели националната координаторка, дури и оние со вештачко срце, но највисоко на листата се оние што се во животозагрозувачка состојба. Сепак, за трансплантацијата на срце влијае и компактибилноста кај дарителите и реципиентите.

Ребека Спасова М-Нет