Помладите пионери на Брегалница ќе играат финале од Купот на Македонија против Шкендија

Помладите пионери на Брегалница денес на Градскиот стадион во Штип преку пенал-рулетот против Кул Здравје обезбедија пласман во големото финале од Купот на Македонија.

Фудбалерите на Брегалница одиграа квалитетен натпревар, кој на крај се решаваше во пенал лотаријата. Регуларниот дел заврши со резултат од 1:1.

Дарио Туше Стојановски во 25. минута ја стресе противничката мрежа за 1:0 и водство на Брегалница. 16-годишникот постигна погодок со кој Брегалница имаше водство до 76. минута, кога Јане Цветков постигна израмнувачки гол за 1:1.

По завршувањето на регуларниот дел во пенал-рулетот Брегалница беше подобра. Штипските „сини“ предводени од Мијалче Прошев беа убедливи во пенал-серија.

Стефан Антонив прв погоди за 1:0, а Марко Стефановски промаши за Кул Здравје во првата серија.
Во втората серија Александар Нехтенин беше сигурен, а Фисник Љамалари не успеа да реализира со што Брегалница имаше 2:0.

Во третата серија Марио Митрев сигурно реализираше, а прв гол во пенал серијата за Кул Зравје постигна Бојан Митров.

Во четвртата серија Филип Зафиров успешно реализираше и донесе голема радост кај фудбалерите на Брегалница и кај навивачите.

Брегалница во големото финале ќе игра против Шкендија, која со убедливи 5:2 го декласираше Шкупи во Тетово.