
Детонит Плачковица на домашен терен со убедливи 5:1 ја збриша очајната Саса, која и понатаму грчевито се бори за опстанок. Гледачите на телевизија М Нет имаа ексклузивна можност во ЖИВО преку директен пренос од Градскиот стадион во Радовиш да го проследат соочувањето на Детонит Плачковица и Каменица Саса, во натпревар каде домашниот тим покажа голема сила и моќ, а гостинот беше целосно инфериорен, во рамки на вонредното 26. коло од Првата македонска фудбалска лига.
Гостите од Македонска Каменица преку Даниел Иванов уште во 6. минута дојдоа до предност од 0:1, а тоа како да ги налути домаќините, кои преку Дарко Алексовски по пет минути игра го израмнија резултатот на 1:1, па гостинската радост траеше кратко.
Домашниот тим веќе во 35. минута направи комплетен пресврт со голот на Аљбан Мемеди, а по седум минути игра голманот Филип Ѓеоргиевски капитулираше по третпат, откако Никола Божинов ја смести топката во противничката мрежа. На полувреме резултатот во Радовиш беше 3:1.
Во вториот дел следуваа два брзи гола на радовишани за конечните 5:1. Мартин Димоски погоди за 4:1, а пак Алексовски со втор гол ги постави конечните 5:1.
Охрид конечнo победи, откако на домашен терен со 2:1 беше подобар од Беса од Добри Дол. Охриѓани последен пат триумф имаа на 1. април против велешки Борец, па денешната победа беше повеќе од потребна.
Победникот беше решен во вториот дел, откако во првото полувреме мрежите мируваа и на двете страни. Александар Ѓорѓиески погоди за 1:0 во 63. минута за водство на Охрид, а веќе во 75. минута Аљтин Лога ја дуплираше предност за домашнио тим. Во 86. минута Лековски покажа на белата точка за гостите, а Артан Велиу успешно реализираше за конечни 2:1.
Арсими на домашен терен загуби од Гостивар со резултат од 0:2, во меч каде во првиот дел мрежите беа чисти. Арсими од 37. минута беше со играч помалку на теренот, откако капитенот Бурим Садики заработи директен црвен картон поради спречување на очигледна шанса за гол. Симеон Христов во 49. минута го отвори резултат, а Антонио Каланоски четири минути подоцна ги постави конечни 0:2 за голем триумф на Гостивар на патот кон директен влез во ПМФЛ.
Воска Спорт со 1:2 славеше на гостувањето во Гевгелија каде го доби Кожуф. Лидерот на табелата уште во 15. минута стигна до водство од 0:1 со голот на младиот Бехар Фета. Резултатот по првите 45 минути беше гол предност за гостите од Охрид, па во вториот дел Кожуф се обидуваше да направи изненадување.
По само десет минути игра во вториот дел Христијан Бејков си постигна автогол, а Воска веќе имаше два гола предност. Во 80. минута од средбата одиграна на Градскиот стадион во Гевгелија, Михаил Попов ги постави конечните 1:2.
Воска Спорт веќе во следното коло со триумф над Арсими и математички ќе го обезбеди билетот за историски влез во Првата македонска фудбалска лига.
Пелистер на домашен терен со сигурни 2:0 дојде до триумф над струшки Караорман. Битолчани триумфот го обезбедија уште во првиот дел преку Христијан Стојановски, кој погоди во 22. минута за 1:0 и преку Бојан Спиркоски, кој во 39. минута постигна гол за конечни 2:0.
Вардар на домашен терен со сигурни 3:0 славеше висока победа над Слога од Виница, во меч каде најтрофејниот македонски фудбалски клуб беше апсолутен фаворит за трите бодови.
Жоглев во 26. минута ја отвори Слога за 1:0 во првиот дел, а стартот од вториот дел донесе два брзи гола на Николовски и Митев за конечни 3:0.
Вардар со овој триумф останува на третото место на табелата и ја продолжува тешката борба за влез во елитата на Македонија.
Веќе отпаднатиот Борец на домашен терен претрпе пораз од 0:3 од Локомотива, која во Велес запиша важен триумф на патот кон директен опстанок во Втората лига. Флорент Османи беше двон стрелец, а третиот гол беше дело на Бујар Иљази.
Тетекс на домашен терен забележа многу важен триумф од 3:2 над Беласица со што ги зголемува шансите за опстанок во Втората лига, иако пред „штофарите“ повеќе од тешко ќе биде да се дојде до баражот за опстанок.
Мустафа Јусуф и Емил Скоко обезбедија предност од 2:0 на полувреме, па Тетекс во вториот дел влезе со помал притисок околу трите бодови. Во 58. минута Николовски постигна гол за висока предност од 3:0.
Иако предноста од три гола беше голема, Беласица преку двата погодоци на Октај Амедов намали на 3:2, па последните десет минути во Тетово беа неизвесни особено за Тетекс околу трите бодови. Сепка, на крај „штофарите“ го задржаа целиот „плен“.
