
Намален бројот на доктори на науки и магистри, а зголемен бројот на вработени во јавниот сектор со основно образование. Повеќе од половина, односно 55,85% од вработените имаат најмалку високо образование. Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, го презентираше најновиот Извештај за вработени во јавната администрација во 2022 година. Вкупниот број на вработени во јавниот сектор е речиси 130.000 и истиот е намален за околу 3.000 во однос на 2021 година.
„Бројот на вработените во јавниот сектор заклучно со 31 декември 2022 година изнесува 129.374 лица. Тие својот работен ангажман го реализираат во вкупно 1.354 институции. Бројот на институции во однос на 2021 година е зголемен за 8. Од вкупно 1.354 институции, 60% се на локално ниво а 40% се на централно ниво. Најголем број, односно 533, се од дејноста образование, труд и социјала 125, култура 121“, истакна Алиу.
Од вкупниот број, речиси 19.000 се вработени во Армијата, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и во Управата за финансиска полиција и за нив поради законски и безбедносни причини не се прикажуваат други детални анализи освен бројката. Анализа се врши за останатите вработени. Pоголем број вработени во јавниот сектор се жени и тоа 56,29%, наспроти мажите кои се застапени со 43,71%.
„Во органите на државна власт, согласно овој извештај, се вработени вкупно 14.531 лица што претставува 13% од вкупната бројка на вработени во јавниот сектор. Споредбено со податоците во Извештајот за 2021 година, бројот на вработени во државната власт е намален за 771 лице. Само од министерствата во претходната година бројот на вработени е намален за 302 лица“, додава Алиу.
Најголем број од вработените во јавниот сектор се во образованието и тоа 34%, а најмал број, односно само 3% се во секторот транспорт и култура. Просечната возраст на вработените е 46,03 години, односно има нејзино незначително намалување во однос на Извештајот од 2021 година.
Ребека Спасова М-Нет