Прекршочни налози и кривични пријави за трговци кои не почитуваат цени и затајуваат давачки

Издадени се прекршочни налози, а ќе следат крвични пријави за трговски субјекти за кои е утврдено затајување на плаќање на давачки кон државата. Државниот пазарен инспекторат во координација со сите надлежни институции ќе продолжи со засилените акции на терен за да се почитуваат Одлуките на Владата за цените на основните прехранбени производи.

„Веќе оваа недела ќе се достават и кривични пријави за одредени правни субјекти за непочитување на одлуките на Владата и на законите во државата. Со ова уште еднаш покажуваме дека нема да има никакви отстапки за сите тие коишто нема да ги почитуваат овие одлуки, а со тоа мора да им се излезе во пресрет на граѓаните и потрошувачите. Вчера се одземени 15 тони овошје и зеленчук од страна на надлежните институции и акциите ќе продолжат“, истакна министерот Бектеши.

Бектеши посочи дека избегнување давачки од над 10.000 евра е кривично дело и за вакви утврдени прекршоци ќе следат кривични пријави.

„Избегнување давачки од над 10.000 евра е кривично дело и веќе е утврдено дека неколку компании го направиле тоа. Значи, при крај се анализите на Финансиската полиција за други компании и во петок ќе се покренат тие кривични постапки“, додаде Бектеши.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, посочи дека вчера биле констатирани многу прекршоци. Затекнати се трговци кои не водат евиденција во трговијата, а одземените стоки се предадени до Агенцијата за управување со одземен имот.

„Изречена е глоба и за Кванташкиот пазар, но и за поголем дел увозници и она што е затекнато е дека и физички лица кои немаат регистрирана дејност вршат продажба на производи. Во рамките на нашите надлежности ќе продолжиме да вршиме контроли низ целата држава и нема да дозволиме непочитување на мерките. Од она што вчера е констатирано е дека има трговци кои не водат евиденција спротивно на член 28, став 1 од Законот за трговија и сторени прекршоци по член 57 став 1 од Законот, член 51 став 1, точка 6 од Законот за трговија одземени се стоки во вредност од 15 тони, беа распределени заедно со Агенцијата за одземен имот и се предадени на одредени институции“, истакна Трајковски.

Трајковски апелираше до сите економски објекти – едната опција е да си ги земат платните налози и да си платат, а другата да си го остварат своето право доколу имаат забелешка преку судска постапка. Најави дека од денес сите инспектори кои констатирале прекршок ќе се појавуваат на судските рочишта и тоа мора да биде пракса.

Ребека Спасова М-Нет