
Славната актерка на Боливуд, Рајшри Дешпанде, која е родена во Индија, деновиве е во посета на Македонија, со што го посети и киното на Киноверзум во Штип, кое се подготвува. За М-Нет Телевизија вели дека да се биде актерка во Европа, Боливуд или Холивуд е сосема исто, бидејќи за креирање филм секаде мора да имаш добро сценарио, добар тим и актери. Стилот, можеби, е различен, ама протоколот е ист, вели таа, и дисциплината е најважниот дел.
„Јас сакам да работам во филм кој има значење, продукција која се грижи за уметноста и креативноста, која е чувствителна на сѐ. Не е само во содржината на сценариото, важен е и тимот, луѓето со кои сте опкружени. Тоа е мојот пат и сѐ уште истражувам и учам. Сега во ова време како актерка… Знаете, иако доаѓам од Индија, јас секогаш велам дека сум светски граѓанин. Актерите немаат граници и ограничувања, актер може да работи каде било. Ако утре би имала шанса да работам во Холивуд, јас ќе бидам таму. Можам да работам каде било“, вели Дешпанде.
Освен што филм во кој таа игра е добитник на награда на филмскиот фестивал во Ротердам, а има играно и во филмови и серии на „Нетфликс“, таа е и активист и работи за хумантирани цели. По земјотресот во Непал во 2015 година, работеше во едно од селата, а се бори и против загадувањето со пластика. Вели дека доаѓа од мало место и тоа ѝ е мотив за социјална работа, а се води по девизата дека ако таа може, може и треба секој еден од нас.
„Мислам дека секој треба да биде хуманитарец, социјален работник, активист. Јас верувам дека е наша одговорност да работиме за нашата околина. Тоа не треба да го сфаќаме како работа, треба да биде најважниот дел што треба да го правиме секој ден, како што се тушираме, си ги миеме забите, јадеме, на истиот начин треба да работиме за нашата околина“, додава Дешпанде.

Таа вели дека при посетата на Киноверзум предложила овде да се донесат најдобрите филмови од Индија и верува дека се работи на најдобра програма. Потврдува дека сака да се врати и се надева дека ќе ја видиме овде со нејзин филм.
„Никогаш не знаеш. Можеби утре ќе ме видите повторно овде со мој филм. Јас дефинитивно би сакала да се вратам и да зборувам за индискиот филм или светскиот филм на луѓето во Македонија, можеби, да им ја покажам културата, да им ја покажам различноста, светот на филмот“, додава Дешпанде.
Нејзиниот рецепт за успех е социјализацијата. Вели дека сака да истражува, да набљудува и учи, а со тоа да биде и поддршка на другите. На прашањето талент или работа, децидна е дека се потребни и двете.
„Дефинитивно, ти требаат и двете. Ако не се трудиш, целиот талент ќе исчезне. Како актер е многу важно да работиш на својот занает, да продолжиш да учиш, да набљудуваш, да патуваш. Повеќепати луѓето забораваат да слушаат, забораваат да бидат дел од општеството. Мора да имаш баланс, не може да кажеш дека ќе се затвориш дома и ќе станеш најдобриот актер. Како актер и како човек, додека не излезеш и не го видиш светот, не учиш за луѓето, светот, проблемите, тешко е да го видиш интегритетот на што било“, заклучува Дешпанде.
Во земјава е помалку од една недела, па немала време да посети многу места. Била во Скопје, Велес и неколку села, кои ѝ се омилени, а посочува дека културата многу не се разликува од Индија.
Ребека Спасова М-Нет