Од денес затворени подрачните единици на ФЗОМ и ПИОМ и АД за стопанисување со станбен и деловен простор во Штип

Подрачните единици на Фондовите за здравствено и за пензиско осигурување, како и подружницата на АД за стопанисување со станбен и деловен простор  во Штип од денес се под клуч. Коронавирусот освен во текстилните компании, се прошири и во државните  институции и повторно кај медицинскиот кадар во Штип.

Четворица се позитивни на ковид 19 во Подрачната единица на Фондот за пензиско и еден е потврден во Фондот за здравствено осигурување во Штип.  17 те вработени во Фонд за пензиско осигурување Штип имаат решение за карантин, а заради близината на канцелариите, во превентивна самоизолација од денес се и 24те вработени во Фонд за здравство. Од денес до петок нема да работи ниту Штипската работна единица на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, каде една вработена имала контакт со позитивен на ковид 19, вели Благој Бочварски, градоначалник на Штип.

Завршен е скринингот на околу 800 вработени во текстилните компании во Штип каде имаше појава за заболени, вели градоначалникот Бочварски, резултати ќе се комплетираат деновиве, но охрабрува фактот што дел од конфекциите се на годишен одмор.

Коронавирусот се врати и кај медицинскиот кадар во болницата во Штип. До сега четворица вработени во Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип се во изолација заради контакт со медицинска сестра кај која е потврден вирусот. Епидемиолошките анкети продолжуваат, бројот на медицинари во изолација може и да порасне, а за нормално функционирање на Инфективното одделение, извршена е реорганизација на медицинскиот персонал, информираат од болницата.