Ниту „Д“ од дерби: Новаци го збриша Кораб со ЧЕТИРИ погодоци и со еден чекор е во баражот за Втора лига

Ниту „Д“ од големото дерби во Третата македонска фудбалска лига – Југозапад, каде Новаци со убедливи 4:0 го збриша ланскиот второлигаш Кораб од Дебар и изби на врвот од табелата, а со тоа Новаци е на чекор од баражот за влез во Втората македонска фудбалска лига.

Резултатот го отвори Јоцо Ѓорговски во 19. минута за водство на Новаци од 1:0. Одличната игра на Новаци продолжи и брзо беше постигна втор гол за 2:0 на полувреме, откако Стефан Јовановски погоди за 2:0.

Во вториот дел Кораб се обидуваше да го преполови водството на Новаци и да се врати во борба барем за реми, кое ќе му одговараше на гостинот од Дебар. Се играше 65. минута кога Христијан Торнески донесе огромна радост за домашниот тим и за публиката, откако ја погоди мрежата на Опре за 3:0.

Откако веќе беше скршен отпорот на гостинот, а на Кораб му стана јасно дека го губи мечот и дека врвот од табелата ќе мора да го препушти на Новаци, Опре капитулираше по четврти пат, а овој пат Иве Трифуновски постигна гол за конечни 4:0 во 73. минута од натпреварот.

Дека овој натпревар имаше големо значење говори фактот што беше делегиран судија од Штип, односно главен на мечот беше Крумислав Ѓоргиев.

Преспа конечно забележа триумф, откако на свој терен односно на Градскиот стадион во Ресен со 4:2 славеше над Влазним. За домашниот тим двоен стрелец беше Христијан Каралиоски, додека пак останатите два погодоци ги постигнаа Пластиновски и Агушевски, сите стрелаа во првиот дел. За гостите погодија Шекуткоски и Влаќески.

Лирија со „петарда“ ја почести Сатеска од Волино на домашниот терен во Грнчари, каде домашниот тим покажа моќ со резултат од 5:1. За домашниот тим хет-трик постигна Благоја Наумоски, а во вториот дел стрелци беа Реџепи и Мурати. За гостите од Волино единствен стрелец беше Никола Секулоски.

Иднина Боровец и Кравари го поделија „пленот“ играјќи 3:3. На полувреме резултатот беше 1:1, а први до водство стигнаа домашните со голот на Мехмедоски во 20. минута. Само три минути подоцна Грујовски погоди за 1:1.

Во вторито дел Алимоски и Емини постигнаа два брзи гола во 62. и 65. минута, а пак Албан Дани во 84. и 87. минута постигна два гола за конечни 3:3.