
18-тата рунда во Третата македонска фудбалска лига – Југ беше повеќе од ефикасна од аспект на постигнати погодоци, откако на пет одиграни натпревари беа постигнати 23 погодоци или во просек по 4,6 погодоци по натпревар.
Љупчо Димитковски – Гањо со победа дебитираше на клупата на Вардар од Неготино, откако седна на тренерското столче по разделбата со третолигашот Каменица Саса. Вардар предводен сега од новиот тренер немаше проблеми да запише нов триумф против Росоман од 3:0.
Ѓорѓи Шишков во 3. минута од мечот го отвори резултатот за водство од 1:0, а со овој резултат се замина и на полувреме. Во второто полувреме Стојсавлевиќ покажа на белата точка за домашниот тим, а Кирил Неделков успешно реализираше од белата точка за 2:0. Во финишот од мечот Петар Ристовски постигна гол за конечни 3:0.
Марена со убедливи 5:0 го декласираше Обршани на домашен терен на крилата на Роналдо Фазлиов, кој беше стрелец на четири погодоци за домашниот тим. Вториот гол беше дело на Берхан Мемедов.
Питу Гули во претходното коло го сруши Вардар и му го нанесе првиот пораз на лидерот од Неготино, но денес беше убедливо декласираше со 5:0 на гостувањето кај Големо Коњари.
Ќамили и Митрески беа стрелци за 2:0 на полувреме, а во вторниот дел Касниоски, Селманоски и Сркески погодија за кончни и убедливи 5:0.
Ланскиот второлигаш Локомотива на својот терен во Градско се спаси од пораз во финишот од мечот, откако против Слога одигра 1:1. Гостите преку Адмир Угљанин стигнаа до водство од 0:1 во 25. минута од мечот. Во вториот дел домашниот тим се обидуваше да се спаси од пораз и да стигне барем до бод, и тоа се случи со гол на Ерсан Шабанов во 79. минута.
Бучин со 5:3 го доби дуелот со Младост од Кривогаштани. Домашнио тим беше сигурен на патот кон освојување на трите бодови, а победата беше најавена во првиот дел. Ѓорѓија Мургоски беше двоен стрелец, а Зоран Мирчески беше стрелец на вториот гол. За гостите Хоки Тодороски во 45. минута погоди за 3:1 на полувреме.
По вообичаената пауза од 15 минути гостите преку Ивица Мијајлески намалија на 3:2 со што гостите се обидуваа да дојдат и до израмнување, но сепак, по помалку од една миута Мартин Стрезовски погоди за 4:2 и повторно Бучин имаше два гола предност.
Во 86. минута Александар Србиноски ги реши сите дилеми откако погоди за 5:2, а четири минути подоцна Тодороски со втор гол го ублажи проазот на конечните 5:3.