Филтер станицата и уште два објекта предвидени во Штип за поставување фотоволтаици

Општина Штип ќе постави фотоволтаици на пречистителната станица и основното училиште „Ванчо Прке“. Ваквата активност е во рамки на проектот „Инсталација на фотоволтаични системи на јавни објекти во Источен плански регион“, а во кој партнери се општините Штип, Карбинци, Кочани, Виница и М. Каменица.

„За делот на општина Штип изградба на фотонапонски модули за производство на електрична енергија со максимален инсталиран капацитет од 1 мегават на два објекта т.е. на пречистителната станица и на ООУ „Ванчо Прке““, велат од Општина Штип.

Вкупните трошоци на проектот се нешто повеќе од 26 милиони денари, од кои околу 5,5 милиони денари се за делот на општина Штип. Проектот е со цел искористување на обновливите извори на енергија, а меѓу очекуваните резултати е и финансиски заштеди на Општините.

„Вкупниот буџет на проектот за делот на Општина Штип е во износ од 5.456.538 денари, од кои 90% односно износ од 4.910.884 се средства обезбедени од Бирото за регионален развој, додека преостанатиот дел или 10%, износ од 545.654 денари ќе бидат кофинансирани од Буџетот на Општина Штип“, додаваат од Општината.

Во Штип фотоволтаици се планирани и на кровот на клонот Развигорче во рамки на детската градинка „Вера Циривири – Трена“, но тој проект ќе се аплицира преку Центарот за меѓународна соработка и развој на Република Словенија. Проектот „Зелена енергија за подобра иднина“ е во вредност од 200.000 евра, од кои 50% ќе бидат грант, а останатите 50% кофинансирани од Буџетот на Општина Штип.

„Проектот се однесува на реконструкција на клонот Развигорче, ќе се менува комплетно кровната конструкција, а потоа ќе се пристапи кон поставување на фотоволтаични модули“, посочуваат од Општина Штип.

Инаку, во рамки на проектот преку Источниот плански регион, освен Штип, фотоволтаици на филтер станиците треба да постават и Карбинци и Кочани, Виница ќе постави на општинската зграда, а Македонска Каменица на градскиот пазар, Куќата на спортот, Домот на култура и ЈП „Камена Река“. Поставените фотоволтаици ќе бидат сопственост на Општините кои се партнери во проектот и тие ќе бидат одговорни за нивно одржување.

Ребека Спасова М-Нет