
Презентација на проектот „Дигитализација на општински услуги“ се реализираше денеска во Штип. Станува збор за проект преку кој сите 11 општини од Истокот ги дигитализираат своите услуги, па граѓаните ќе ги испраќаат поплаките, пофалбите, проблемите и барањата и ќе ги завршуват административните обврски електронски.
„Граѓаните како крајни корисници ќе може сите општински услуги да ги добијат по електронски пат, да може да поднесат и дополнат соодветно барање, да може сите административни такси и плаќања да ги вршат електронски, а јас се надевам и сум убеден дека надоградувањето на оваа платформа и на овој проект ќе значи и можност за доусовршување на дигитализацијата“, истакна Јорданов.
Проектот е резултат на меѓуопштинска соработка, а е од голема полза за граѓаните. Опфатени се барања за услуги од областа на урбанизмот, комуналните услуги, граѓанските иницијативи, како и барања за финансиска помош. Советите на општините еднаш годишно ќе бидат известувани за резултатите и финансиските импликации од функционирањето.
„Особено важно е за граѓаните, бидејќи нема да губат време, да трошат повеќе пари, односно со еден клик ќе може да се овозможат 20 услуги. Денеска имаме и презентација како граѓаните ќе може да извадат еден документ“, вели Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој.
„Изработката, односно пуштањето во употреба на платформата овозможува меѓуопштинска соработка на нов и високотехнолошки начин, каде што една, условно речено, поголема општина, обезбедува информациско-телекомуникациски услуги за другите, условно речено, помали општини во однос на администрирање и одржување на дигиталните алатки“, вели Армен Григоријан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации.
Вкупниот буџет на проектот е 3.000.000 денари, а финансирањето е преку УНДП и Бирото за регионален развој.
Ребека Спасова М-Нет