
Пристапен пат кон земјоделски земјишта, изградба на канали за наводнување, како и почеток на изградба на резервоар за наводнување, се трите проекти од витално значење за Општина Зрновци. Денеска увид во градежните активности изврши и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Моментално се наоѓаме на местото каде се одвиват градежни активности, градење на канали за наводнување, виничка вада во должина од 1650 метри, изградба на морачка вада во должина од 850 метри и изградба на три каскади. Ова се проекти од витално значење за Зрновци со што ќе се наводнува со поголема количина и динамика. Деновиве ќе почне изградба на резервоар за наводнување во село Зрновци од 60 кубика“ – кажа Коцев.
Освен пофални зборови и задоволство од реализираното во изминатиот период во Зрновци, Мицкоски потенцираше дека со овие проекти ем ќе се работат повеќе ниви ем ќе се зголемат доходите на поголем број семејства.
„Има ниви кои во минатото не биле изорани, обработени затоа што немале достап до вода сега со овие инвестиции веќе и тоа станува возможно, така да ќе се зголеми производството на земјоделски производи, а со тоа ќе се зголемат и доходите на поголем број семејства од овде од Општина Зрновци.“ – кажа Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека треба да им се олесни работата на земјоделците, но и да се намали иселувањето за да може и мали општини како Зрновци да се развиваат.
„Луѓето бараат основни елементарни услови за да може да ги обработуваат своите ниви, пристапни патишта и канал за наводнување.“ – додава Мицкоски.
Овие три проекти се дел од предизборната кампања на градоначалникот на Општина Зрновци, Коцев.
Лаура Стојанова М-Нет