
Министерството за животна средина му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев, во врска со регионалната депонија, откако тој не ја прифаќаше предвидената локација. Од Министерството велат дека се одземени ингеренциите во делот на управување со заедничкото претпријатие кое треба да управува со идната регионална депонија и шесте претоварни станици. Со ова продолжува постапката за ставање во функција на претпријатието, избор на директор, вработени и со тоа имплементација на проектот.
„Ингеренциите на Општина Свети Николе во поглед на одлуки поврзани со регионалната депонија се одземени од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Во рамките на оваа постапка Свети Николе таму не донесува одлуки, во нивно име донесува Министерството, а сите други општини нормално си ги донесуваат одлуките како што налага целиот процес. Таа локација не беше избрана туку така, туку беше правена цела студија за изводливост, па така таа се прифати“, вели Живка Михајлова, координатор на проектот.
И од Министерството во однос на законските регулативи велат дека процесот се води согласно со националното законодавство и ЕУ регулативите. Посочуваат дека се имплементирани дел од активностите, набавени се камиони, садови и контејнери за собирање на отпад, започнато е чистење на дивите депонии, па во оваа фаза не е оправдано стопирање на проектот, бидејќи тоа би значело и враќање на парите добиени од ЕУ, а на терет на сите граѓани.
„Се очекува до крај на годината да заврши тендерската постапка за избор на компанија. Имено, веќе во наредната 2024 година да се започне со градба. Целокупната техничка и тендерска документација во изминатиот период се ревидираше. Се изработи урбанистичко планска документација. Целата документација во моментов е во фаза на проверка во МЖСПП, по што ќе се достави на одобрување во Министерството за финансии, па следува одобрување од Делегација на Европска унија, по што тендерот ќе биде публикуван и ќе следи фаза од три месеца за достава на понуди и три месеца евалуациона постапка. Се очекува договорот да се склучи при крајот на 2023 година и да се започнесо реализација.“ – велат од Министерството.
Вкупната вредност на сите активности за изградба на регионална депонија за Источниот и Североисточниот регион изнесува 40 милиони евра добиени преку ИПА фондовите, а дел од истите веќе се потрошени. Следува изградба на трансфер станици и регионална депонија за двата региона кои опфаќаат 18 општини.
Ребека Спасова М-Нет