
Нема подземни контејнери, нема јавен градски превоз, нема стационар – пишуваше на транспарентите со кои денеска излегоа на прес-конференција од ОО на СДСМ Штип. Според нив, 500 дена нова локална власт значеле 500 нови лаги, а ниту едно од ветувањата на градоначалникот, Иван Јорданов, не се исполнило.
„Поминаа повеќе од 500 дена или околу 1 и пол година како Штип и штипјани го имаат најлошиот и најнеспособниот градоначалник. На скоро половина од мандатот нема започнато ниту еден проект, а единствено место каде што може да направи увид и да се слика е новата дивоградба на неговата десна рака“, велат од СДСМ Штип.
Од Општина Штип, пак, во писмено соопштение посочија дека ова е само начин за прикривање на катастрофалните политики, а за тоа некои од СДСМ ќе добиеле и вработувања како награда.
„Веќе виден начин на партијата која го донесе народот на питачки стап, со обвинувања да ја прикријат својата безидејност и катастрофални политики. Некои работат за граѓаните, а на други прес-конференциите им служат да добијат вработувања и лична корист, па така лицето кое денес ја критикуваше Локалната самоуправа како награда за лагите кои ги пласира за неколку денови ќе започне со работа во Управата за јавни приходи.“ – одговорија во писмено соопштение од Кабинетот на градоначалникот.
Ребека Спасова М-Нет