Свечена приредба – завршен настан за патрониот празник на ООУ „Димитар Влахов – Штип

Свечената пригодна приредба беше круната на овонеделните активности на ООУ „Димитар Влахов“ по повод патрониот празник. На истата се претставија ученици од одделенска и предметна настава, а изминативе денови тие реализираа и други активности од областа на културата, спортот, уметноста и литературата со цел да ја одбележат 38-годишната воспитно-образовна дејност на училиштето.

„Во текот на оваа недела го чествувавме патрониот празник. В понеделник имавме спортски активности, в вторник имавме ликовна галерија, средата беше со литературно читање. Денес на огромно задоволство на сите нас ги повикавме родителите, соработниците, стручните соработници и сите оние коишто сакаат да ја видат нашата приредба и да го честитаат патрониот празник на нашето училиште“, истакна Невенка Величкова, в.д. директор на ООУ „Димитар Влахов“ – Штип.

Директорката Величкова во пригодниот говор посочи дека се горди на сите изминати активности и успеси кои го градат училиштето во овие 38 години. Потенцираше дека за таков резултат клучна е соработката помеѓу учениците, наставниците, раководните структури и родителите.

„Горди сме на секоја измината година, на сите успеси, постигања, награди. Подготвени сме за идните генерации кои ќе дојдат во нашето училиште и нашето училиште ќе биде нивниот втор дом. Успешни сме бидејќи во текот на сите овие години ги имаме нашите родители кои се наши верни партнери на патот до успехот, секако, нашите вредни ученици и нашите исполнителни наставници“, додаде Величкова.

Таа посочи дека соработката на веќе искусниот и добро избран тим е она што придонело оваа приредба да изгледа вака. Вели дека во изминатава година се соочиле со низа предизвици, но горди се на тоа што имаат реализирано многу активности.

Ребека Спасова М-Нет