
Увозни до 70 денари, домашни производи и до 80 и 90 денари. На првиот пазарен ден во Штип по Одлуката за намалување и замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот, истата делумно се почитуваше. Ако се прашаат купувачите, тие велат дека пред празниците ништо не е со намалена цена, а некои посочуваат и дека минатиот петок имало пониски цени.
Продавачите, пак, ако се прашаат, велат дека посочените цени од Владата се почитуваат, но тоа во никој случај не е во нивен интерес. Побарувачка има, ама со овие цени, велат, нема да опстанат, а дел од нив посочуваат и дека ќе треба да ги затворат тезгите.
Инаку, замрзнувањето на цените важи од 5 април и со истото се опфатени 11 производи, и тоа: домати, краставици, кромид, карфиол, зелени пиперки, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимони. До крајот на месецов доматите не може да се продаваат по цена од повеќе од 70 денари, краставиците не повеќе од 75 денари, а кромидот не повеќе од 60 денари.
Ребека Спасова М-Нет