
Верните „Арамии“ на третолигашот Брегалница од Делчево покажаа како изгледа вип ложата на Градскиот стадион во Делчево на свој начин.
Вакви сцени особено во овој крај од Македонија имаше неколкупати, откако претходно вип ложа на свој начин прикажаа навивачите на второлигашот Каменица Саса на Градскиот стадион во Македонска Каменица, односно верните „Багери“, а изминатиот викенд на свој начин вип ложа прикажаа и „Арамиите“ во Делчево, во натпревар против Рудар, кој Брегалница го доби со 3:0.
Пивото беше спремно, додека скарата на стадионот се подготвуваше за месо, колбаси… едноставно мераци за навивачите на некогашниот прволигаш Брегалница Делчево.
Што се однесува до натпреварот двоен стрелец беше Антон Ратков, а третиот гол беше дело на Валери Стаменковски.
Во следното коло следува „вечно дерби“ помеѓу Малеш и Брегалница на Градскиот стадион во Берово, во рамки на 17. коло од Третата лига – Исток. Без разлика што овие екипи се наоѓаат во третолигашкото друштво, сепак „Малешевско-пијанечкото дерби“ привлекува големо внимание во овој регион, па повеќе од сигурно Градскиот стадион во Берово ќе се наполни со публика и навивачите на двата клуба.