
По завршувањето на репрезентативната пауза денес продолжија фудбалските возбудувањата со одигрување на натпреварите од 22. коло од Втората македонска фудбалска лига.
Гледачите на телевизија М Нет имаа ексклузивна можност во ЖИВО преку директен пренос да го проследат соочувањето на Слога и Воска на Градскиот стадион во Виница, каде охриѓани ја оправдатаа улогата на апсолутен фаворит со резултат од 1:3.
Натпреварот започна со сконцентрирана игра на двете страни и со креирање на шанси за брз погодок. По неколку минути игра, во Виница заврна пороен дожд, а тоа го направи теренот лизгав за игра.
Веќе во 16. минута со шут од далечина Јахији го совлада Ангелов и ја отвори Слога за водство од 0:1 за екипата на Воска. По постигнатиот гол на Воска за минимално водство, дожд се засили, па практично условите за игра беа тешки.
Откако дождот намали во Виница, судијата покажа на белата точка, одговорноста ја презеде Бошко Ступиќ, кој сигурно биеше и го израмни резултатот на 1:1. Слога се врати во рамноправна борба за трите бодови и во надеж за изненадување.
По првите 45 минути резултатот во Виница беше 1:1, па во вториот дел двете екипи влегоа во рамноправна трка за трите бодови кои се повеќе од важни и за едните и за другите. За Слога во борбата за опстанок, за Воска во борбата за историја и директен влез во Прва лига.
Стартот од вториот дел донесе удар на Емини кон противничкиот гол, Ангелов успеа да интервенира, но топката заврши кај Фета, кој биеше, но топката заврши странично во мрежата.
Во 58. минута беше досуден пенал за гостите од Охрид, а одговорноста за реализација на истиот ја презеде капитенот Емини, кој беше сигурен од белата точка и ја врати предноста за неговиот тим од 1:2.
По пет минути Емини со втор гол зголеми на 1:3, откако Јахији нафрли топката во противничкиот шеснаесетник, а таму Емини со глава ја собра топката и ја смести во мрежата на Ангелов за двојна предност. По ваквата предност од 1:3, домашниот тим веќе ги загуби сите шанси и надежи на овој меч за позитивен резултат. До крајот Воска правеше притисок и за четврти гол, но сепак конечниот резултат беше 1:3.
Лидерот Вардар на „Борис Трајковски“ во Маџари се соочи со Каменица Саса, во меч каде најтрофејниот македонски фудбалски клуб беше повеќе од апсолутен фаворит. „Вардарци“ до триумф над „рударите“ стигнаа со убедлив резултат од 3:0. Сепак, иако резултатот е убедлив, Вардар до истиот стигна во финишот на вториот дел.
По 15 минути игра во Маџари, Дарио Десниќ ја погоди противничката мрежа за 1:0 и водство на Вардар, резултат со кој се замина и на полувреме. Во вториот дел дури во 84. минута Дарко Размоски погоди за 2:0, а Роберт Митев во 92. минута погоди за конечните 3:0.
Пелистер на домашниот терен во Битола одигра многу важен меч во борбата за местата кои водат во Прва лига. Битолчани повеќе од тешкото стигнаа до посакуваните три бодови против Детонит Плачковица од Радовиш со 2:0.
Во првиот дел во Битола мрежите мируваа (0:0), а тоа направи притисок кон Пелистер во вториот дел да стигне до трите бодови, доколку сака да остане во трка со Гостивар, Воска и Вардар за местата кои водат во Прва лига.
Резултатот беше отворен во вториот дел со гол на Петар Љамчевкси во 57. минута за 1:0, а конечните 2:0 ги обезбеди Фазлију за голема радост на „пелистерци“.
Гостивар се намачи во Струмица против Беласица, иако победата е убедлива, до истата фаворитот за Прва лига стигна повеќе од тешко и тоа во вториот дел, откако во првите 45. минута мрежите мируваа. Иако тешка победа против Беласица, сепак Гостивар дома носи три важни бодови со кои ја продолжува трката за Прва лига со Вардар и Воска, кои исто така победија.
Каланоски во 68. минута обезбеди предност за Гостивар, а Рамадани во 90. минута ја дуплираше предноста. Во 93. минута Филип Петковски стави печат на убедливата победа од 0:3.
Арсими на домашен терен со 3:1 го доби дуелот против Караорман. Новајлијата во Втората лига одигра перфектен меч и стигна до три бодови во дуелот со стружани.
По само две минути во Чегране резултатот го отвори Самет Реџепи за водство од 1:0. Дваесет минути подоцна Игор Клечкароски погоди и израмни на 1:1.
Во вториот дел Шпенд Асани со два гола во 62. и 90. минута ги обезбеди трите бодови за Арсими.
Кожуф на домашен терен ја доби Локомотива со 2:1 и со тоа повеќе од јасно го обезбедува опстанокот во Втората македонска фудбалска лига. Првиот дел во Гевгелија заврши со чисти мрежи (0:0), па неизвесноста за трите бодови се префрли во второто полувреме.
Натпреварот беше од огромно значење и за двете екипи во битката за директен и сигурен опстанок. Томица Петров во 59. минута успеа да ја стресе мрежата на гостите за водство од 1:0 за Кожуф.
Единаесет минути подоцна Ангел Кочев обезбеди двојна предност за Кожуф, а само една минута подоцна, односно во 81. минута Еркан Шаип намали на 2:1, резултат кој беше и конечен. До крајот Кожуф мудро го чуваше водството, а Локомотива неуспешно се обидуваше да дојде барем до бод.
Тетекс можеби клучниот меч за директен опстанок во Втора лига го „прокоцка“ и на домашен терен преку пресврт (1:2) загуби од Беса и со тоа останува во зоната за диреткно испаѓање во Трета лига.
Христијан Кировски уште во 2. минута обезбеди предност за „штофарите“ од 1:0, резултат со кој се замина и на полувреме. Во вториот дел Белули погоди за 1:1 во 55. минута, а дваесет минути подоцна Скендери ја стресе мрежата за конечните 1:2 голема радост за Беса, а големо разочарување за Тетекс, кој продолжува да се мачи за опстанок во Втора лига.
Охрид според очекуваното триумфираше над „фенерџијата“ Борец со сигурни 2:0 и по два натпревари им се врати на победите. На „Билјанини Извори“ резултатот беше отворен во првиот дел со голот на Мартин Нически. На полувреме резултатот беше 1:0 за домашниот тим. Во вториот дел Охрид преку Давид Матески стигна до двојна предност, а резултатот од 2:0 беше и конечен.
По овој пораз Борец повеќе од сигурно е нов третолигаш, а во зависност од резултатите на екипи кои се борат за опстанок, велешани во некое од следните кола и официјално ќе бидат дел од Трета лига – Југ.

