Варадиновски за М Нет: Честитки за победата на Пелистер, но нејасна беше ситуацијата при првиот гол од страна на помошниот судија

Пелистер се намачи, но го доби Детонит Плачковица со 2:0 во 22. коло од Втората македонска фудбалска лига, во меч кој беше од огромна важност за битолчани на патот кон местата кои водат во фудбалската елита на Македонија.

Уште пред самиот старт на мечот повеќе од јасно беше дека Пелистер ќе има тешка задача против радовишани, така и беше, натпреварот беше решен во вториот дел.

Во изјава за телевизија М Нет, тренерот на радовишкиот второлигаш, Иван Варадиновски, им ја честита победата на Пелистер, но сепак, како што вели, ситуацијата при првиот гол е нејасна, кога помошниот судија сигнализирал офсајд, а потоа го спуштил знаменцето, со што неговите играчи подзастанале, а потоа Пелистер постигнал гол.

„Благодарност до екипата на Пелистер за приемот и односот во текот на целиот натпревар и честитки за победата. Нејасна е ситуацијата при првиот гол, помошниот судија го подигна знаменцето и сигнализираше офсајд, а по неколку секунди го спушти и Пелистер постигна гол. Нормално дека беше збунувачки за нашите играчи кои подзастанаа бидејќи очекуваа офсајд позиција“, вели Варадиновски за М Нет телевизија.

Во следното коло Детонит Плачковица ќе гостува во Велес кај „фенерџијата“ Борец, додека пак Пелистер ќе гостува во Виница кај Слога.