Дечињата од Штип под маски, музичко-забавна програма и многу награди на „Априлијада“

Роботи, принцези, полицајци, ликови од детски серии, филмови и театарски претстави. Ова беа дел од маските кои денеска можеа да се видат на манифестацијата „Априлијада“ организирана во Штип по повод 1 Април – Денот на шегата. Децата кои денес беа под маски велат дека за денот се подготвувале со особена радост, а за себе ги избрале најинтересните маски. Некои секоја година, некои поретко се маскираат, а за денеска велат дека сите маски на „Априлијада“ се убави.

Настанот е во организација на Општина Штип и „Штип сити мол“. Станува збор за манифестација со богата музичко-уметничка програма, а за најдобрите маски се доделија и вредносни ваучери од организаторите.

„Настанот започнува во 12 часот, ќе биде во времетраење од два часа. На манифестацијата ќе настапат учениците од основното училиште „Димитар Влахов“ со вкупно седум точки од музички карактер. Потоа настапуваат дечињата од Фестивалот „Весело штурче“ и на крајот ќе имаме доделување за најубавите маски, односно првонаградените маски ќе бидат од страна на градоначалникот на Општина Штип, во вредносен ваучер од 1500 денари, а второнаградените маски ќе бидат во вредносен ваучер од 1.000 денари од нашиот спонзор и на крајот ќе бидат доделени трите награди за најубавите маски од страна на „Штип сити мол““, истакна Вања Џамбазова-Николовска, соработник за детска, социјална и здравствена заштита во Општина Штип.

Во текот на вчерашниот ден во сите основни училишта и во градинките се организираше мини-маскенбал. На истиот се избра најубавата маска од децата од големите групи во детските градинки и првооделенчињата во училиштата и таа маска ја претставуваше институцијата на денешната „Априлијада“.

Ребека Спасова М-Нет