
Националниот натпревар „Прва лего лига“ се одржа денеска во Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Годинава, петта по ред, тимовите работеа на денешните глобални предизвици поврзани со Целите на одржлив развој на Обединетите нации, со фокус кон обезбедување прифатлива, сигурна, одржлива и модерна енергија за сите. Настанот е во организација на Академијата за роботика и иновации, а ко-организатор е Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
„Чест ми е што оваа година имаме некој мал јубилеј, петта година како во нашата држава се одржува ова натпреварување. Ова повеќе е дружба и начин на живеење на учениците преку Лего лигата. Оваа година имаме осум екипи. Знајте дека сите ние правиме една многу благородна работа за нашите ученици и затоа се надеваме дека нашето ФЛЛ семејство од година во година ќе расте и ќе живеат ФЛЛ вредностите“, истакна Гордан Анастасов, директор на ФЛЛ Македонија.
Стекнување вештини и способности неопходни за живот на 21. век, вклучувајќи ги креативноста и критичкото размислување се главните цели на овој натпревар, вели професорката на Факултетот за информатика, Александра Милева. Натпреварот е за деца од 9 до 16 години, кои се натпреваруваат тимски, а учесници годинава има од Кочани, Скопје и Тетово.
„Овој натпревар е значаен затоа што прво ги развиваат своите технолошки вештини, учат како да изградат робот, како да го испрограмираат, да се натпреваруваат со робот, учат како да истражуваат на некоја тема, некој проблем, да решаваат проблеми. Се учат како да го презентираат тој проблем пред експерти поврзани со тој проблем, но најважно е дека ги градат своите основни вредности, учат како тимски да работат, како да го ценат своето време и времето на другите, како да другаруваат меѓу себе, да си помагаат“, истакна Александра Милева, професор на Факултет за информатика при УГД.

Учесниците на овој натпревар велат дека за вакво нешто треба многу истражување и подготовка, што, пак, за нив бил многу интересен процес. Посочија дека активноста е начин да се научи нешто, но и извор на забава.
„Треба да го претставиме нашиот тим, како работевме, како се вклопивме. Натпреварот го доживуваме како забава, а победата ако се случи е нешто дополнително добро“, вели Матеј Наунов.
„Натпреварот за нас означува извор за учење, забава, најважно е да се забавуваме“, вели Мина Манасиевиќ.
Тимот кој на националниот натпревар освои најдобри резултати ќе ја претставува земјава на Светското првенство кое годинава ќе се одржи во Мароко, од 18 до 21 мај.
Ребека Спасова М-Нет