Топлина и грижа како на човек бара расадот, Маринчо повеќе од две децении го произведува

Домат, краставица и пипер расад веќе почна да се продава по пазарите во регионот. Вчера можеше да се забележи и на некоја тезга на пазарот во Штип, ама според произведувачите сѐ уште е рано, ладно е и затоа луѓето не го купуваат. Маринчо од Струмица 20 години се занимава со земјоделие, продава расад, но и зеленчук. Вели дека работа има многу, потребно е внимание и топлина исто како на еден човек. Само на таков начин расадот, но и производите може да бидат успешни.

„Еми има патлиџан, пипер, краставица, ама слабо се бара расадот, рано е и времето е ладно. А работа има многу, треба да го гледаш исто како мало дете, сака топлина, човекот и растението исто е“, вели Маринчо.

Кога е во прашање исплатливоста, далеку од исплатливо е, потенцира Маринчо. Зголемени се трошоците, ѓубрето е со повисока цена, а нема ниту кој да купи, ниту кој да работи.

„Не е исплатливо, има трошок многу, ѓубре, има трошоци, не се исплаќа, ама нема што да се прави. Едно коренче е десет денари, краставицата 20 денари, ама народ нема и нема кој да работи“, додава Маринчо.

Маринчо додава дека ситуацијата е слична и на пазарите во Струмица, но се надева дека ситуацијата ќе се подобри со подобрување на временски услови.

Лаура Стојанова М-Нет