Типски куќи ќе се градат во Черења и над ул. „Асном“, советниците од СДСМ ја напуштија седницата

Проектот типски куќи за ромското население ќе се реализира со изготвување на два нови урбанистички плана. Предвидено е типските куќи да бидат изградени во местото викано Черења во Штип, како и над улицата „Асном“. Локациите се избрани согласно сопотребите на населението кое ќе живее во овие куќи, средства за изработка на урбанистички план има. Ова како точка помина на денешната седница на Советот на Општина Штип.

„Причината за ваква измена се јави од неколку ситуации, така на пример со самата програма за потребите на проектот за ромско домување, во кое учествува и Општина Штип, се предвидени средства за финансирање за изработка на документација за локациите каде што се претежно населени со ромско население. Програмата е надополнета со два урбанистички плана, кои се наоѓаат во Черења и над улицата „Асном““, вели Лазар Хаџи Николов, раководител на Одделение за урбанизам.

Во расправата по однос на оваа точка не учествуваа советниците од СДСМ и коалицијата кои ја напуштија седницата заради недостаток на материјали.

„Пред усвојување на дневниот ред беше побарано од моја страна оваа точка, точка четири и точка пет, да бидат вратени на повторно разгледување пред комисиите, поради недостаток на материјали. Советничката група на СДСМ и коалицијата нема да учествува во понатамошната расправа за овие две точки и нема да се изјасни по истите“, кажа Маријана Рогожарска Поповска, координаторка на советничката група.

Советникот Душко Иванов на денешната седница упати молба до службите да доставуваат целосни материјали за да не се повтори ситуација како и денешната на која советниците си заминаа од седницата. По завршување на оваа точка советниците од СДСМ и коалицијата се вратија во салата.

Ребека Спасова М-Нет