Кочани ќе ја собере македонската фолк-естрада, на 26 април – „Оскари на популарноста“

Кочани годинава ќе биде центар на фолк-случувања со манифестацијата налик „Оскари на популарноста“. Настанот ќе се одржи на 26 април и дел од истиот ќе бидат голем број популарни македонски фолк-имиња, кои на ќе добијат признанија за нивната работа.

„Моја идеја беше да се даде на некој начин признание, валоризација, уважување на естрадните уметници од фолк естрадата, во кои спаѓам и јас и затоа добро го познавам тој дел. Сметам дека недоволно им се дава значение. Со овој настан сакаме целата таа македонска народна фолк музика да се крене на едно повисоко ниво, да ѝ се даде значење и вистинската вредност“, истакна естрадниот уметник, Благоја Грујовски.

За таа цел на настанот ќе се доделат признанија на бендови кои се актуелни, на млади изведувачи кои се иднината на фолк-музиката, на двајца уметници кои имаат четиридецениска музичка кариера. Оваа вечер ќе биде посветена на оние естрадни имиња кои во моментов се најактуелни и кои ја афирмираат македонската песна секаде во светот.

„За таа вечер, за 26 април, ги избравме оние што се најактуелни, што дадоа придонес во изминативе 30-40 години на македонската фолк сцена. На тој настан ќе му биде оддадена посебна почит и посебна награда на неодамна починатиот великан, големиот мајстор на хармоника, автор, аранжер, Милан Завков. Тоа ќе биде една посвета на него“, додава Грујовски.

Целта е ваквата манифестација да се одржува традиционално секоја година во месец април. Идејата е со цел да се направи настан за фолк-естрадата, нешто што досега го немало направено за овој вид музика.

Ребека Спасова М-Нет