„Ле Кретен“ – вечерва премиера на новата театарска претстава во продукција на Театар Штип

Премиера на театарската претстава „Ле Кретен“ е на вечерашниот репертоар на Штипскиот театар. Новата претстава во нивна продукција е приказна за осаменоста, опсесијата и посесивноста раскажана преку приказната на фотографот Пињон. Станува збор за комедија, која навлегува и во психолошките аспекти на ликовите, што според режисерот, Никола Ристов, е од особена значајност.

„И покрај тоа што е комедија и е наменета да развесели нашите гледачи, се бави со една многу интересна ситуација, а тоа е дека секој лик во неа се бави сам со себе. Секој лик во неа си е затворен во еден сопствен свет којшто подоцна кога ќе дојде во комуникација со кој било лик настанува една таква експлозија од емоции и чудни случувања, така што дава една поинаква динамика на целата претстава“, истакна Никола Ристов, режисер на претставата.

Главниот лик на фотографот Пињон го игра актерот Миле Вратеовски. Неговата работна задача е од хотелската соба да го фотографира влегувањето во судската палата на еден важен осуденик за кого се стравува дека е можно да му биде извршен атентат, но Пињон станува најдобар пријател со потенцијалниот атентатор.

„На крајот дојдовме до еден успешен проект кој мислам дека ќе ги задоволи и најистенчените вкусови кај публиката“, истакна актерот Миле Вратеовски.

И останатите актери посочуваат дека подготовката на претставата бил голем предизвик за нив, но реакциите на публиката на вчерашната претпремиера покажале дека се на вистинскиот пат.

„Синоќешните реакции ни беа потребни, малку ни се оддолжи процесот, не по наша вина. Така некако, можеби, изгубивме континуитет, но мислам дека го најдовме вистинскиот клуч за целата претстава и мислам дека ќе допре многу позитивно до публиката“, истакна актерот Владимир Тулиев.

„Вчеравечер имавме публика за првпат и по нивните реакции заклучивме дека сме на вистинскиот пат и дека сме успеале да направиме една претстава, една урнебесна комедија којашто штипската публика ќе има можност да ја гледа и да ужива заедно со нас“, истакна актерот Пеце Ристевски.

Претставата вечерва ќе се одгира по повод 27 Март – Светскиот ден на театарот, како и по повод јубилејот 100 години од формирањето на првата аматерска театарска група и 73 години од денешниот Театар – Штип.

„Започнуваме со домашна продукција, она што значи домашни сили и средства и ресурси да употребиме за да ја започнеме сезоната 2023, а со тоа да можеме да го проследиме и прославиме достојно нашиот голем јубилеј – 100 години“, истакна Горан Трајков, директор на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.

Билетите за вечерашната премиера веќе се распродадени, но и во текот на следните месеци се предвидени репризни изданија.

Ребека Спасова М-Нет